А кој ќе победи сега кога Македонија губи?
А кој ќе победи сега кога Македонија губи?

А кој ќе победи сега кога Македонија губи?

Во времето во кое живееме, ни се наметнува една динамика, која несвесно често брзо ја прифаќаме, без да помислиме дека тоа темпо понекогаш може да биде напорно за секој од нас. Но, тоа не е единствено што без размислување го прифаќаме денес. Медиумите се моќна алатка, не џабе се седма сила. Она што го добиваме на тацна од нив, лесно може да биде насока во која се движиме, култура која ја прифаќаме. И сè ќе беше добро, ако медиумите сервираа вредности.

Најпопуларни се ликови од некои реални шоуа или телевизиски серии, кои ако размислуваме за моралноста и вредностите, ќе беа означени со црвено или уште подобро со црна линија, покриени да не се откријат.

Не ми е целта да ја прикажам колективната залуденост од серии кои не заглупавуваат, а не би требало, посебно во ова модерно време во кое сите живееме и во кое еден паметен телефон за кратко, навистина може да стане попаметен од нас.

Во ова време на интензивен развој, ние музички се враќаме назад. Со задоволство ја прифатив идејата да ја истражиме приказната за субвенции за македонската музика. Зошто? Затоа што знам дека тоа не само што не донесе ништо добро, туку дополнително ја девалвира вредноста на музиката кај нас. А земја без музика, изумира.

Праксата на субвенционирање на музиката, скоро и да не постои во светот. Посебно не во време на слободно делување на пазарниот механизам. Да, и музиката е дел од тој пазар. Додека нашата околина со задоволство напредува во таа насока, кај нас назадуваме. Никако не научивме дека мора да се приспособиме на времето во кое живееме.

Која беше целта на субвенционирање на македонската музика? Ако беше уназадување, ефектот е постигнат. Па, луѓе мили, греота е во време на Интернет да не кликнете на Јутјуб и да не преслушате кои се моменталните хитови.

Не дека ние немаме музика, длабок наклон за сите кои настојуваат да го прават тоа на вистинскиот начин. Тие и понатаму ќе бидат моите музички херои. Но, она што излегува на површина покриено од прашината на субвенционирање се смешни талози кои укажуваат дека кај нас постои тренд на самоуништување. Да, баш така. Најдобро ни прилега Сократ со „Сега знам дека ништо не знам“. А ние тука седнати, спокојно чекаме да видиме кој ќе победи. Никој нема да победи, само Македонија ќе изгуби со ваквиот начин на функционирање.

Е моја Македонијо. Сите чекорат по патот на светлината. А ние? Ние живееме во мрак. Во дупка. Дали тоа е патот по кој треба да се движиме? Па нели ние бевме тие кои знаат и да пеат и да играат? А сега?

Цел живот учиме. Еве и сега. И додека ние тука мудруваме, Рита Ора е светска ѕвезда. Дали и требаа субвенции? Не, но Косово многу доби од нејзината популарност. Дуа Липа прогресивно ги следи нејзините стапки. А ние? Ние размислуваме дали треба да има субвенции за македонска музика или кој ќе оди на Евровизија.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска

 

Create Account



Log In Your Account