ВОСПИТНИ СТИЛОВИ

Родителството е тешка задача која вклучува задоволување на основните потреби на детето како што се храна, физичка сигурност како и емоционални потреби што се постигнуваат преку воспитувањето. Воспитувањето на детето подразбира топлина, разбирање, љубов, поддршка и охрабрување кои родителот му ги овозможува на детето. Но, тука треба да се вклучи и контролата која ја сочинуваат родителските очекувања, барања и надзор кои  можат да се анализираат од два аспекта, од потполна контрола до занемарување на детето. Со оглед на овие две димензии на воспитувањето, постојат различни воспитни стилови. Секој од нив на поинаков начин влијае врз развојот на личноста на детето. АВТОРИТАРНИОТ воспитен стил се нарекува уште крут и строг воспитен стил, а подразбира воспитен стил во кој родителите поставуваат огромни очекувања и барања пред детето, спроведувајќи строг надзор и контрола при што не му даваат доволно топлина и поддршка. Родителите се насочени кон поставување граници и правила, склони се кон казнување во ситуации кога истото не се почитува или ќе се прекрши. Главна воспитна цел е учење на самоконтрола и послушност на детето кон авторитетот, а односот родител - дете се темели на нареденост и подреденост. Таквите деца често се несигурни повлечени, можат да бидат и агресивни, со низок праг на толеранција. Често гледаат со недоверба, ти се несигурни, неуспешни во решавањето на проблемите, постојано  се грижат како да ги задоволат родителите. АВТОРИТЕТНИОТ воспитен стил, се нарекува уште и демократски и доследен. Тоа е стил кои комбинира цврста родителска контрола и емоционална топлина. Родителите поставуваат барања и очекувања кои се одмерени за возраста на детето, спроведуваат надзор и имаат цврста контрола над детските пожелни форми на однесување, со љубов, поддршка и емоционална топлина. Ја поттикнуваат детската љубопитност, креативност, самоувереност и независност. Водат сметка за детските чувства, го поттикнуваат. Таквите деца се самоуверени, сигурни во себе со висок степен на самоконтрола, одговорни се. ПЕРМИСИВЕН односно попустлив воспитен стил, подразбира емоционална топлина, ама слаба контрола. Таквите родители се претерано емоционално осетливи, даваат многу љубов, поддршка и емоционална топлина, но поставуваат мали барања, имаат слаба контрола без поставени граници на детското однесување. Примарно ги задоволуваат сите желби на детето. Таквите деца се често несигурни и неснаодливи, импулсивни, со слаба самоконтрола, склони кон агресивно однесување кога ќе се соочат со ограничувања. ИНДИФЕРЕНТЕН односно запоставувачки воспитен стил, подразбира слаба контрола покрај емоционален студен однос на родителите. Родителите поставуваат мали барања, немаат контрола над детското однесување и не му поставуваат граници. Емоционално се ладни, незаинтересирани за активностите на детето, окупирани само со самите себе. Ретко искажуваат родителска љубов. Таквите деца често се непослушни, непријателски се однесуваат, имаат низок степен на самопочит, склони се кон деликвентни облици на однесување. Базично се несигурни со променливо расположение и слаба самоконтрола. Воспитните стилови на родителите и нивното однесување со децата има важна улога во нивниот социјален и когнитивен развој. Не е сеедно кој воспитен стил го користат родителите, затоа што истражувањата покажуваат дека демократскиот стил на воспитување е најдобар. Секој родител со пофалба, употреба на убави зборови му покаже дека го прифаќа и дека е сакано. Неразбирањето, агресивниот став кон детето, занемарувањето на потребите на детето, остава негативни последици како на развојот на детето така и на односот дете -родител. За Женски магазин пишува Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог