Дислексија-проблемот со читањето и пишувањето присутен кај учениците, невидлив кај институциите
Дислексија-проблемот со читањето и пишувањето присутен кај учениците, невидлив кај институциите

Дислексија-проблемот со читањето и пишувањето присутен кај учениците, невидлив кај институциите

Дислексијата  е состојба во која постојат тешкотии при читањето и разбирање на прочитаното. како и при интерпретацијата на визуелните симболи. Иако имаат нормален вид и слух, како и навики за пишување, лицата со дислексија имаат тешкотии при пишувањето на букви или зборови по саканиот редослед. Во  Македонија постојат само четири  лиценцирани тренери за дислексија што ни оддалеку не е доволно да се работи на надминување на овој реален проблем- ве­ли  за Фактор, Дам­јан Ни­ко­лов­ски, пре­тсе­да­тел на Здру­же­ни­е­то за дис­ле­кси­ја „Ајн­штајн“.

Лицата со дислексија како што вели можат да ги разберат комплексните идеи но потребно им е повеќе време за анализа на поединечните информации и детали. Навремената детекција на оваа состојба, според Николовски  е од голема важност во градењето на психички и емоционално здрава личност.

“Здружението за дислексија АЈНШТАЈН  преку проектот “Инфо ѕид за дислексија” финансиран од проектот на УСАИД за граѓанско учество во изминатиот период го создаде првиот Македонски тест за проценка на дислексијата и со истиот спроведе истражување за застапеноста на дислексијата помеѓу средношколците од територијата на цела Македонија. Од истото се потврдија веќе очекуваните резултати односно дека дислексијата е застапена кај 12,6% од испитаните ученици. Исто така добивме значајна разлика во застапеноста на дислексијата во средните училишта со гимназиско образование и средните училишта со стручно образование. Во некои од средните стручни училишта дислексијата е застапена дури кај 20% од испитаните ученици. Наставниот кадар во основите училишта преку нашите активности во голема мера се запозна со дислексијата како состојба и со пристапите на поучување на овие ученици, но сето тоа не е доволно. Во средните училишта се соочуваме со поголем проблем бидејќи професорите речиси воопшто и не се информирани за оваа состојба, ниту пак покажуваат мотив за надградба на своите знаења.  Дислексија не се надминува, но со соодветно обучен кадар и со стручни лица истата може да се корегира и да се надминат потешкотиите кои произлегуваат од истата”- објаснува Николовски.

Иако дислексијата е доживотна состојба и личноста која има дислексија  ќе ја има цел свој живот, постојат голем број на методи за работа со овие лица , во однос на ублажување и олеснување на функционирањето на дислексичарите во секојдневниот живот.

 

“За жал во  Македонија бројот на стручни лица за дислексија е многу мал, постојат само 4 лиценцирани тренери за дислексија и тоа по методите на Рон Дејвис, АФС методот и двајца лиценцирани тренери по методот на Ортон Гилинхам.Иако и доцната детекција на дислексија не е воопшто страшна, сепак навременото откривање на истата ќе овозможи да се избегнат негативните ефекти кои произлегуваат од ненавременото препознавањето на дислексијата. Наставниот кадар нема доволно искуство, пред се затоа што дислексијата во нашата држава е позната од пред неколку години од кога се формираше здружението за дислексија АЈНШТАЈН. Во однос на нивните познавања за жал повторно ќе кажам дека просветните работници имаат навистина оскудни познавања за оваа состојба, причина за тоа е непостоење на предмет на педагошките факултети преку кој ќе се изучува дислексиајта. Од друга страна со големо задоволство ќе кажам дека нашите семинари ги посетија повеќе од 1400 наставници кои се стекнаа со основни познавања и техники за поддршка на овие ученици. Од ова може да се заклучи дека кај наставниот кадар постои желба и мотив да ги зголемат своите познавања во однос на оваа проблематика, но сето тоа бара институционална поддршка од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и локалните самоуправи”- додава претседателот на Здружението за дислексија.

Кај секоја личност оваа состојба  влијае различно, во зависност од карактерните особини на личноста. Меѓутоа експертите се согласуваат околу ставовите дека неоткриената дислексија предизвикува висок степен на анксиозност, гнев, стрес, депресија, лоша слика за себе и многу слаба самодоверба. Посебни институции кои ја третираат само дислексијата во нашата држава не постојат,  иако тоа е пракса во поголем дел од државите во светот.

“Во развиените земји постојат посебни центри за детекција на дислексијата, центри кои се специјалицирани за работа со лица кои се соочуваатт со оваа состојба. За жал ние како држава сме далеку од светските примери, но се трудиме и превземаме чекори со кои би се создало општество кое ќе биде адекватно за потребите на лицата со дислексија. Јас пред се би ја споменал прaвната рамка односно правната регулатива која поголем дел од државите во Европа ја имаат. Дислексијата во речиси сите држави на Европската унија е прaвно регулирана како состојба која предизвикува потешкотии во учењето, за разлика од кај нас каде што дислексијата е состојба која “не постои” во законските регулативи, иако иста е многу застапена. Нашите државни органи пред се би требало да започнат со усвојување на официјална дефиниција за тоа што претставува дислексијата и истата како состојба јасно да биде одделена од оние други посебни потреби како што тоа е направено во сите развиени држави каде што оваа состојба се третира и проучува речиси повеќе од еден век. Со овој чекор сите понатамошни дејствија и активности кои би се превземале во однос на дислексијата сметка дека би биле полесни”- потенцира Николовски.

Според него иако дислексијата  можеби понекогаш во животот претставува пречка или проблем, верува дека секој  дислексичар  во себе носи скриена генијалност.

“Доказ за ваква генијалност се сите оние личности со дислексија кои направиле огромни промени во нашиот свет како што се: Алберт Ајнштајн, Стив Џобс, Винстон Черчил, Бил Гејтс,Агата Кристи, Ричард Бренсон”- додава Николовски.

Оваа состојба  како што вели примарно се поврзува со тешкотии во читањето но таа може да делува и на пишувањето, спелувањето, математиката но понекогаш и на говорот. Лицата со дислексија можат да ги разберат комплексните идеи, но потребно им е повеќе време за анализа на поединечните информации и детали. во читањето, пишувањето и разбирањето на тоа што се чита. Затоа вели е потребно  подигнување на јавната свест за состојбите кои предизвикуваат потешкотии во учењето, прво  кај образовните институции, родителите, релевантните институции како и кај пошироката јавност. Нивната визија смета дека преба да придонесе за подобрување и олеснување на процесот на образование на учениците со дислексија како и воведување на соодветен и подобрен образовен систем кој ќе ги препознава и ќе ги прифати како составен дел од системот.

Create Account



Log In Your Account