Животна училница // Приказни
ДОСИЕ СУБВЕНЦИИ: Брачна двојка одобрила пари на бенд во кој членувал нивниот син

Сопружниците Лилјана и Методија Автовски заедно или поединечно одлучувале за судбината на авторите и изведувачите на дури осум од реализираните конкурси од Законот за поддршка на домашната музичка продукција. Лилјана дури шестпати била член на комисијата, а Методија четирипати, еднаш и во улога на претседател (прв квартален конкурс за 2015 година). На членовите на комисијата за извршената работа им следува поединечен паричен надоместок во износ од 10.000 денари, по конкурс. Ако им се исплатени предвидените хонорари од државата, во семејниот буџет на брачната двојка завршиле вкупно 100.000 денари.
Членовите на комисијата се избираат по случаен избор (лотариски систем) од листа со 50 лица која по пат на јавен повик ја подготвува директорот на Македонската радиотелевизија. Автовски ја имале таа среќа да партиципираат во комисијата на повеќето конкурси и да одлучуваат како ќе бидат распределени народните пари. На првиот квартален конкурс за 2016 година за субвенционираните композиции одлучувале седум члена од кои две места биле резервирани токму за нив. На истиот конкурс тие дале зелено светло да се доделат средства (3.000 евра) на Горан Милосковски од „Арија“, група во која членувал и нивниот син, басистот Никола Автовски.