,

(ФОТО) ЕМОТИВЕН ВАСИЛИЧАРСКИ КОНЦЕРТ ВО МОБ: Назад во времето на златните осумдесетти

Добивај вести на Viber

Во златното музичко време од осумдесетите и од деведесеттите години не вратија домашните поп-рок и оперски пејачи, на традиционалниот Василичарски концерт насловен „Simply The Best“, кој се одржа сношти во МОБ.   Уживање беше да се слуша една Наде Талевска во беспрекорната изведба на „Aquarius“, силниот вокал на Елена Петреска во хитот „Sweet Child Of Mine“, овациите за Дани Димитровска на која совршено и легна „црниот сомот“ на Алана Мајлс или заслужено силниот аплауз за Бени и Нон стоп за хотелот Калифорнија. Оперскиот пејач Ѓорѓи Цуцковски е веќе докажан во евергрините, па така со право му беше доделен безвременски хит од Фреди Меркјури, а ништо полош во улогата на пејачот на „Квин“ не беше ни Александар Тарабунов. Концертот прекрасно го отвори Ана Мицковска, а во вториот дел ни понуди една богата женска верзија на Џорџ Мајкл. Сите пофалби и за младата пејачка Александар Јанева, која заедно со Наде Талевска и со Елена Петреска моќно го приврши концертот, пеејќи ја во трио „Lady Marmalade“. Од Хрватска гостуваше Бојан Јамброшиќ, а за убавата и романтична атмосфера помогнаа и пејачите Наташа Малинкова, Даниел Дан и Лена Затковска-Моротова. Пејачот Горан Наумовски звучеше како копија на Тина Тарнер на крајот, пеејќи ја со своите колеги насловната тема, која сосема го оправда поводот- „Едноставно најдоброто“. Пејачите ја имаа честа да ги придружуваат оркестарот и хорот на МОБ, засилени со бенд специјално избран за овој концерт и диригентката Бисера Чадловска. Публиката е желна за добра музика, затоа Василичарскиот концерт ќе се репризира вечерва во МОБ, а ќе се одржи и уште еден, утре, во недела, од 20 часот. За Женски магазин, Милица Џаровска