ЖЕНИ НА ВИСОКИ ПОЗИЦИИ: За промени треба упорност, волја и закони!
ЖЕНИ НА ВИСОКИ ПОЗИЦИИ: За промени треба упорност, волја и закони!

ЖЕНИ НА ВИСОКИ ПОЗИЦИИ: За промени треба упорност, волја и закони!

Нејзиното име е вброено на листата 100 жени основачи на стартапи во Европа. Таа е  еден од родителите на Групер. За нејзиниот успех, но и за развојот на вештините, најголемата „вина“ ја лоцира кон нејзината мајка. Задоволна од постигнатото веќе се фокусира кон предизвиците за 2018. Со  доктор Нина Ангеловска, директор и основач на Групер, разговаравме за нејзината приказна и мотивите за успех.

Женски Магазин: Вашето име е вброено на листата 100 жени основачи на стартапи во Европа. Колку сметате дека вие како жена може да ги охрабрите и мотивирате останатите жени во Македонија да започнат своја бизнис приказна?

Нина: Во последниве неколку години голем акцент е ставен на role-modeling како ефективна стратегија за охрабрување и мотивирање преку споделување на приказните на оние кои го изоделе патот и постигнале успех. Претенциозно ми е за себе да кажувам колку сум ги мотивирала останатите жени да започнат свој бизнис, но секогаш се трудам да придонесам на заедницата преку бројните настани на кои ја споделувам мојата приказна и преку менторирањето млади претприемачи.

Женски Магазин: Сметате ли дека постои родова еднаквост во Македонија, кога е во прашање секторот кој вие го покривате? Имаме ли доволно жени на менаџерски позиции во земјава?

Нина: Родовата еднаквост е една од глобалните цели. Жените ја сочинуваат нешто повеќе до пола од вкупната популација во светот, а сепак нивниот придонес во економскиот раст е далеку под потенцијалот. Неискористувањето на високиот потенцијал и способностите на високо квалификуваниот женски кадар претставува загуба на таленти и загуба за економијата во целост. Многу студии покажале дека компаниите кои имаат жени на високите менаџерски позиции имаат подобри финансиски и организациски перформанси наспроти компаниите кои се man-only.

Што се однесува до тоа дали имаме доволно жени на менаџерски позиции повеќе би рекла дека важно е колку имаме/немаме жени на ТОП-менаџмент позиции – прво ниво на менаџмент, колку пратеници жени имаме во владата итн. Дополнително постои гап во заработувачката, на ниво на Европа според податоците од Eurostat (2015) жените биле платени 16.3% помалку по работен час од мажите. Според најновата публикација од Државниот завод за статистика – Жените и мажите во Македонија, 2017 во делот Пазар на труд и нето плата според пол, може да забележиме дека само 30% од жените, наспроти 70% од мажите имаат нето плата од над 40.000 ден. што говори за недоволната застапеност на жените на високите менаџерски позиции.

За промени треба упорност, волја и закони!

Женски Магазин: Како се роди приказната за Групер и како вие се вклопивте во неа?

Нина: Grouper се појави во вистинско време на вистинско место. Во време на економска криза кога сите бараа начини да заштедат, кога во земјава не постоеше еден веб сервис од ваков тип, попустите се покажаа како одличен поттикнувач за многу граѓани да го направат своето прво онлајн купување.

Беше вистински предизвик да се започне бизнис во време кога помалку од 1% од населението купуваше онлајн, кога не постоеше навика за онлајн купување, а понудата од интернет трговците беше многу мала. Верувавме дека ќе ја смениме е-трговијата, настапивме многу ентузијастички и оптимистички со сериозна посветеност кон реализацијата на проектот. Поедноставно е да се искористат можностите, но да се прифати ризикот и пречките да се претворат во предности е вистински претприемачки успех. Направивме револуција во е-трговијата како резултат на напорна работа, знаење, посветеност 24/7, добар тајминг и постојано адаптирање на промените. Денес Grouper е лидер во е-трговијата и се смета за Game Changer на пазарот на е-трговија на што сме многу горди.

Женски Магазин: Која зделка ја сметате за исклучително успешна?

Нина: Секоја зделка од која биле исклучително задоволни компанијата-соработник и крајните корисници, односно со која сме ги надминале очекувањата на двете страни.

Женски Магазин: Статистиките и истражувањата укажуваат дека жените кои редовно вежбаат, полесно и побрзо стигнуваат до успех во својата кариера. Дали се согласувате? Колку често практикувате вежби? Имате ли време за физичка активност?

Нина: Не сум запознаена со статистиките и истражувањата на оваа тема ама би рекла дека има логика ако зборувам од мое искуство.

Вежбањето го практикувам пред сѐ за себе, а воедно и затоа што ми помага да бидам полна со елан и енергија за работа. Вежбам 3-5 пати неделно и на вежбањето гледам како на активност која психички ме опушта и ми помага да се ослободам од каков било стрес. После вежбање сум полна со енергија за да се вратам на работа.

Моето мото е дека со добра организација секој има време за се, останатото се изговори! Успевам да вежбам редовно, со тоа што некогаш тоа го правам наутро пред работа, но најчесто вежбам по работа, без разлика дали е тоа 18,19 или 20 ч. Ако знам дека ќе останам на работа до доцна навечер, се организирам да го почнам денот со физичка активност.

 

Женски Магазин: Како вообичаено изгледа еден ваш ден?

Нина: Во кратки црти – екстремно брз и добро организиран.

Женски Магазин: Која вештина е клучна за успех денес?

Нина: Најважната особина во новиот технолошки свет е брзото учење и адаптирање. Живееме во свет на побрзи промени од кога и да било, нови предизвици на секое поле, нови алатки, нови начини за маркетирање и придобивање на купувачите, навиките се менуваат, начините на кој комуницираме се менуваат. Мало заостанување може да предизвика големи загуби за компаниите. Конкурентската предност е клучна за раст и развој на бизнисот, а истата може да се добие само со адекватно одговарање на предизвиците на пазарот. Потребен е извонредно обучен и мотивиран тим кој умешно ќе се справи со сите проблеми и предизвици.

Порано изреката Jack of all. Master of none често се толкуваше како негативна особина, сметајќи дека ако учите повеќе области сите ќе ги знаете само површински без детално навлегување во ниту една т.е мастерирање на една одредена област. Денес многу автори тврдат дека успехот на Elon Musk се должи на неговата особина да се биде експерт-генералист што значи да се учи широко во повеќе области, да се разберат подлабоките принципи кои ги поврзуваат различните области и потоа да се аплицираат тие принципи на други специјалности. Оној кој ја поседува оваа способност има информациска конкурентска предност и можност за иновативно размислување.

Женски Магазин: Која особина кај себе ја сметате за суштински важна во насочувањето на вашиот успех? Што беше пресудно за вашиот успех?

Нина: Гените, домашното воспитување и едукација и потоа образованието. Неодамна имав прилика да се запознаам со г-динот Benjamin Perks (UNICEF) на едно предавање на кое зборуваше за развојните фази на мозокот. Најголемиот дел или 80% од нашиот мозок се развива до 6 годишна возраст, па аналогно образованието и искуството кое го имам стекнато е ајсингот на тортата додека основата и останатите слоеви се домашното воспитување и едукација. Би рекла дека наклонетоста за собирање знаење и учење во секоја прилика, секаде и од секого е резултат на тоа што мајка ми од мала ме учеше дека знаењето е единственото нешто што никој не може да ни го земе и дека треба да бидам најдобра во тоа што ќе го правам. Така на пример на 4-5 годишна возраст ќе ме однесеше со неа во банка и додека чекавме ред ќе му објаснеше што е уплатница и фактура • Ако нешто не забележев, ќе ме подучеше Мора да си ачик, да забележуваш се околу тебе… Претпоставувам ова денес има влијание на мојот став дека сакам да научам што повеќе може на овој свет.

 Женски Магазин: Може ли емоциите да влијаат врз донесување на одлуките? Колку тие можат да бидат кочничар?

Нина: Емоциите на бираат време и место, сите ние имаме емоции но како ги менаџираме е од голема важност како за личниот така и за професионалниот успех. Да се биде емоционално интелигентен значи да се има капацитет да се разберат емоциите и да се контролира начинот на кој се искажуваат. Брзото донесувањето на правилни одлуки е поважно од кога и да било во овој брз современ свет во кој нема простор за носење одлуки на база на емоции.

Женски Магазин:  Какви се статистиките, кој повеќе купува онлајн, мажите или жените?

Нина: Кај нас во Grouper соодносот е 60% – 40%, секако во полза на жените •

Женски Магазин: Кои се предизвиците кон кои ќе се насочите во иднина?

Нина: Имам големи предизвици пред мене за 2018 година, но сè уште не би ги споделила • . можеби во некое следно интервју во 2018та.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска

Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин

Create Account



Log In Your Account