За еден Кирил од една целодневна
За еден Кирил од една целодневна

За еден Кирил од една целодневна

Кирил е второ одделение. Наставничката ова второ полугодие, вторпат го носи да си поразговара со психологот. За неа, проблем е тоа што тој не сака да пишува. Неговиот проблем е многу посериозен.

П: И… повторно има нешто околу пишувањето.

К: Ааааа. Не можам… ме болат рацете.

П: Имате многу за пишување?

К: Не знам… ама… јас сум многу уморен… многу сум уморен.

П: Што те умори толку многу?

К: Ти знаеш кога си легнувам? Во 11.

П: Во 11?

К: Да! Знаеш кај одам после школо?

П: Каде?

К: Кај баба ми!

П: Не одиш дома?

К: Не, одам кај баба ми, а мама доаѓа во десет. После ме носи дома… и ѝ викам да ми купи млеко… ми се пие млеко… ама не ми купува.

П: Сакаш млеко? Па и тука пиете, нели?

К: Да, ама ми треба повеќе за да ми работи мозокот. Ако пијам повеќе, повеќе ќе ми работи мозокот и повеќе ќе можам да пишувам!

П: Мммм. А, да ја потсетиш мама. Да одиш со неа кога пазарува?

К: Сум пробал и така. Пак не ми купува…

Ова е една од приказните, во една целодневна. Да, децата можеби имаат премногу за пишување, а во овој век сè почесто се прашуваме колку е доволно, па размислуваме и дали е корисно пишувањето ракописни букви и зборови. Ете, некои држави веќе прават промени и учениците нема да користат моливи…

Тоа е нешто, за што дај Боже и во оваа држава да дојде ред да дебатираме. Арно ама, ние имаме премногу други работи кои се приоритетни, а се однесуваат на условите во кои растат нашите деца. Нема да пишувам за две деца во едно креветче, во градинките во кои запишуваше лично градоначалникот, ниту за уште пострашниот проблем – загадениот воздух.

Денес, сакам да ве потсетам дека нашите целодневни, кои сè почесто можеме да ги викаме целовечерни, се само импровизација. Понекогаш лоша, понекогаш помалку лоша. Тоа зависи од соработката и ангажирањето на наставничките и оние родители кои во нив ги носат своите деца, најчесто бидејќи немаат друг избор. Некои од тие деца, од утро, буквално до мрак се на училиште, а најголемиот дел од денот се седнати како службеници на столче.

Им недостасува одмор.

Им недостасува простор, зошто најчесто тоа се паралелки со триесетина ученици.

Им недостасува слободна игра.

Им недостасува гушкање.

Им недостасува движење и трчање.

Им недостасува нормален тоалет.

Им недостасуваат одморени и насмеани родители, а веројатно и учители.

Им недостасува хигиена.

Им недостасува место каде ќе прилегнат, или удобно ќе седнат.

Им недостасува здрава храна.

Им недостасуваат играчки, особено ако оние кои работат со нив заборавиле дека се и деца, а не само ученици.

Им недостасуваат понекогаш и родители со доволно памет, да не ги разнесуваат на милион вонучилишни обврски.

Им недостасуваат понекогаш и мотивирани учители, кои меѓудругото не мораат да молат за спонзорства и соработка.

Им недостасува разговор со возрасен, а возрасните во училиштето се малубројни… па нели и разговорот е храна за детскиот мозок?

Не знам, но можеби како на Кирил, им недостасува и млеко.

Преку ноќ, промените нема да се случат во градинките, училиштата, воздухот… ама сепак, Кирил ме поттикна, еве, денес да ги спомнам целодневните. Верувам дека неговата наставничка разбира колку е важно да биде добра учителка, па и мама, за него, а и за сите како него. Тој е многу умно и мило дете, а такви се и другите, сите на некој свој, посебен начин. Сепак, колку и да е добра учителката на Кирил, неговото растење не е добро…

Мораме да правиме приоритети, во кои децата ќе ни бидат најважни. Конечно да почнеме да мислиме на контекстуалните фактори и на нивната меѓусебна зависност, но и поврзаност. Во сите реформи и решенија, најважни се условите. Треба нив да ги создадеме, па да помислиме на друго, како во оние држави каде млекото не е проблем. Доста ни се импровизации од типот на целодневна настава. Децата можеби не умеат да ни кажат дека не им е убаво, ама тие постојано ни покажуваат преку своето симптоматично однесување. Нè повикуваат сериозно да се загрижиме. Да градиме услови, за да имаме услови за промени!

За Женски Магазин, Елизабета Петровиќ, семеен и системски психотерапевт 

Поврзани написи

Create Account



Log In Your Account