КВАЛИТЕТНО ПОМИНАТО ВРЕМЕ СО ДЕЦА ОД ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ

Секаде слушаме и читаме „поминете квалитетно време со вашите деца“ „Бидете со вашето дете и сл. но не секогаш имаме идеја како поминатото време да направиме да биде „квалитетно“ со нашето дете кое има 3 или 4 години, кое е полно со енергија и го бара од нас невозможното. Денес решив да ви предложам неколку игри кои на вашето дете ќе му помогнат да ја развива грубата и фината моторика, фантазијата и креативноста, а на вас родителите ќе ви овозможат барем на кратко да се почувствувате како деца. 1. Да го пронајдеме богатството За оваа игра ќе ја употребите вашата фантазија и во дневната соба ќе изградите еден „дворец“ од перници и прекривки, а наоколу ќе расфрлате мали перничиња „карпи“ кои ќе пливаат во морето. Можете да се маскирате како пирати кои ќе го бараат богатството. До дворецот се стигнува со скокање од „карпа“ на „карпа“ при што никако не смеете да паднете во вода. Кој прв ќе стигне во дворецот е победник (така го развивате натпреварувачкиот дух кај детето). На крајот од играта влезете сите во „дворецот“ и разговарајте за играта со детето. Поттикнете го да ви раскаже што му оставило најголем впечаток (така детето ќе го развива говорот и ќе го богати својот речник). 2. Да го обоиме ѕидот Сите деца сакаат да шаркаат и цртаат по ѕидовите во домот (ова баш и не е интересно за родителите ама не е нерешливо). На ѕидовите во дневната соба залепете повеќе бели хамери по должина на ѕидот и заедно со вашето дете препуштете и се на забавата. Можете да сликате со водени бои и четка или со било кој друг ликовен материјал што ќе го одбере вашето дете. Со оваа игра детето ја развива самостојноста во истражувањето, разликувањето и именувањето на боите, формите и сл. Ќе се поттикне интересот кон сликањето и ќе се развива имагинацијата кај детето. 3. Игра со штипки Со оваа игра кај децата ќе ја вежбате фината моторика (воспоставување на контрола на движењата на дланката и прстите) и истрајноста во преземените активности. Сите дома имате големи пластични коцки во разни бои, исто така и штипки (потрудете се штипките да имаат иста боја како коцките). Доволно е на детето да му дадете задача да ги закачи штипките со одредена боја на коцката со соодветна боја. Бидете трпеливи, затоа што вештината за закачување на штипки е навистина тешка за постигнување кај малите деца. Ви посакувам убава забава и учење низ игра со вашите деца. За Женски МагазинРужица Митровиќ-Дипломиран педагог