Култура во инспекција на МРТ по одлуката за субвенции

  Ќе има ли казни? Ќе понесе ли некој одговорност? Министерството за култура информира дека по добивањето на одлуките на МРТВ по објавен Конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, денес упатило инспекциски надзор. Овој надзор констатирал дека се длабоко пробиени роковите за носење на овие одлуки. Согласно на тоа, овие одлуки треба да бидат поништени… Вчера Женски Магазин објави дека во првите денови од новата година, Македонската радиотелевизија (МРТ) го објави списокот со примени и одбиени композиции од последниот конкурс за музички субвенции. На фолк-интерпретаторот Али Бајрам и на поп-изведувачите Авни Аљији и Дарио Панковски државата ќе треба да им исплати по 9.000 евра за две песни кои ќе ги промовираат во наредниот период. Сите тројца се рангирани во категоријата „ѕвезди“ каде финансиската поддршка е најголема и изнесува 4.500 евра за еден рефрен (3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот). За разлика од претходниот конкурс, жирито овојпат даде зелено светло и за две композиции со кои ќе се афирмираат семејните вредности во општеството. „Родно семе да остане“ и „Се враќам дома за Божик“ се насловите на нумерите со кои Кристијан Тасевски и Денис Димовски ќе лобираат за многудетни семејства. Народни пари се предвидени и за еден патриотски рефрен, темата „Оваа земја убава горда“ во изведба на Анета Василева. Само за овие наменски песни државата годишно исплаќа 60.000 евра. Денес од страна на инспекцискиот надзор на Министерството за култура, раководството на МРТВ е предупредено дека се соочува со кривична одговорност поради овие незаконски донесени одлуки, со кои се создава штета по Буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата. Исто така, раководството на МРТВ беше предупредено дека склучувањето на договори со авторите по овие одлуки ќе предизвика дополнително кршење на законот и нови основи за кривична одговорност. Министерството не само што ги оспорува овие одлуки и во никој случај нема да одобри исплата на средства за избраните композиции, туку дека започна да врши ретроактивна детална проверка на претходните конкурси, за кои добивме сознанија и индиции за крупни неправилности. Од првичниот увид во документацијата и начинот на спроведување на легислативата, воочени се повеќе прекршувања.