Животна училница // Приказни
Лила Стојановска: Секогаш сум вљубена
ВОДИТЕЛКАТА ЛИЛА СТОЈАНОВСКА ДЕНЕС СЛАВИ РОДЕНДЕН
Навистина сакам да се шегувам на своја сметка, а многу поретко на туѓа. Тоа е една од причините на мојот успех. Се шегувам најчесто на сметка на бракот, затоа што имам два зад себе. Да бидам искрена, не се гледам себеси мажена по трет пат, тоа не ми е потребно. Но, во секоја шега има и половина вистина.
ТВ водителката Лила Стојановска денеска слави роденден. Не зборува за тоа колку години има, вели дека секој може да и даде онолку колку што мисли. Роденденската забава за најблиските пријатели, Лила ја организираше сношти, во скопскиот ресторан „Сокаче“.
„Такво едно опуштено место за мене е проверена формула за забава. Важно ми е на овој ден да бидам со оние кои ги сакам и оние кои мене ме сакаат. Не ми е битно да терам некоја шема за роденден, туку луѓето околу мене да играат и да се забавуваат“, изјави за „Женски Магазин“ Лила, која секоја година прави забава за својот роденден.
Водителката на квизот „Се или нешто“ важи за една од најатрактивните и најнегувани жени во домашната јавност. Публиката секогаш ја интересира што прави Лила и со кого е, затоа ја следат илјадници на социјалните мрежи. Корисниците на Фејсбук и на Инстаграм, повремено знаат да се пошегуваат меѓу себе: Колку лајкови имаш, скоро колку Лила! И Лила често се шегува на своја сметка. Главна тема и е бракот.
„Јас навистина сакам да се шегувам на своја сметка, а многу поретко на туѓа. Тоа е една од причините на мојот успех. Се шегувам најчесто на сметка на бракот, затоа што имам два зад себе. Да бидам искрена, не се гледам себеси мажена по трет пат, тоа не ми е потребно. Но, во секоја шега има и половина вистина, затоа знам да кажам: можеби некогаш или никогаш не вели никогаш“, ни изјави Лила. Како и секоја жена, и таа им се радува на изненадувањата и на подароците.
„Сум добила многу подароци за роденден, секакви, и прстен со брилијанти. Но, верувај ми, најсреќна ме прави цвеќето. Го обожавам, уживам во убаво уредени цветни аранжмани, и секогаш на мојата маса имам свежо цвеќе во вазна. Ништо не може да ми измами насмевка како еден букет цвеќе“, додаде Лила.
На прашањето, што ја прави убава на нејзина возраст, таа одговара дека тоа е позитивната енергија и љубовта кон животот. „Од секогаш сум била своја, и ќе бидам. Ме прави среќна тоа што живеам живот каков што сакам јас, а не каков што сакаат другите“.
Важен дел од нејзиниот живот е и квизот „Се или нешто“ кој годинава ја емитува седмата сезона. „Искрено, никој не веруваше дека толку долго ќе опстоиме, но очигледно е дека ја погодивме вистинската формула. Забавата е на прво место, и јасно е дека такво нешто им фали на гледачите. Освен забавата и опуштена атмосфера, битен фактор е и тоа што многу луѓе кои имале среќа за 45 минути си отишле дома со убава сума на пари. Сè додека квизот има фантастична гледаност, сѐ додека луѓето го сакаат, јас не би менувала ништо, останувам таму каде што сум“, ни раскажа водителката.
[caption id="attachment_1873" align="aligncenter" width="640"] Лила како модел на саемот за венчавки во март годинава во Скопје[/caption]
Нејзиниот син Филип има 23 години, а Лила вели дека е горда што откако дипломирал маркетинг-менаџмент се нашол во работата која ја сака. „Филип работи во маркетинг агенцијата „Априори комуникации“. Како мал одеше со мене на снимања и на настани, но рефлекторите и камерите никогаш не го влечеа. Среќна сум за него што си ја најде својата работа од соништата, а јас сум секогаш тука како поддршка. Со син ми супер се сложуваме. Ние сме две ваги, тој во септември, јас во октомври, тој во првата, јас во втората декада“.
Сношти на полноќ, на тортата со знакот на светскиот бренд за накит „Тифани“, Лила ги дувна свеќичките и си замисли желба.
„Се разбира дека имам неостварени желби. Без нив животот не би бил интересен. Велат дека ако ја кажам желбата што си ја замислив, нема да ми се исполни“. На прашањето дали желбите и плановите и се врзани за некој конкретен маж и дали е вљубена, Лила одговори
„О, па ти ме знаеш мене. Секогаш сум вљубена“.
За Женски Магазин, Милица Џаровска