Македонија не е спремна за 18 месеци породилно отсуство

Што ќе донесе Пеленската Револуција? Дали оваа иницијатива е предвремена или навремена? Дали Македонија е подготвена за ваков чекор? Граѓанската инцијатива „450 Породилно (Пеленска револуција) организираше референдум за донесување на предлог Закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца, на 18 месеци за сите мајки без разлика колку деца раѓаат. Потребните потписи за почеток на постапката се собрани. Женски Магазин истражува што ќе добиеме, а што ќе изгубиме. Разговаравме со Валентина Базерко, новинар за надворешна политика во МРТВ Женски Магазин Ќе добијат ли мајките право на избор со „пеленската револуција“? Базерко Тешко е да се предвиди што ќе добијат мајките со таа револуција. Идејата е тие да добијат подолго породилно платено отсуство. Иако и постојното породилно отсуство кај нас, споредено со европските земји веќе е далеку над европските стандарди, затоа што европскиот просек е 14 недели. Значи, тоа посакувано платено породилно отсуство, дури и кога кај нас би се мерело со месеци, а кај нив со недели, би го надминало европскиот просек. Една Германија како земја со силна економија има само осум недели платено породилно одсуство, Холандија 10 недели, Италија само 16, а Британскиот систем кој е еден од најдобрите 100% плата за породилно отсуство исплаќа само за првите шест недели, со право отсуството на мајката да продолжи до 40 недели, но со намалени симболични износи на исплата. Тоа се податоците за Европа од 2016-тата година. Од друга страна, ако кај нас мајките веќе имаат и плати и придонеси, па и стаж за време на целото девет месечно отсуство, според привилегиите тие веќе се нешто слично на функционери на апанажа, кои добиле дете, а не изгубиле ништо од привилегиите кои би ги добиле доколку работеле. Знаете, нам сепак ни требаат богати фондови и силна економија, а доколку сумата за породилни отсуства се дуплира, тоа би значело огромно оптоварување на Фондот за здравство кој и без тоа одвај функционира. Да не беше така, немаше секој втор ден да уплаќаме по мобилни за оние на кои им требаат средства за операции во странство. Затоа, не знам од каде би се нашле средства за дополнителните девет месеци. Ако мерките не подразбираат дополнителни средства и доколку мајките се согласни да речеме сами да ја распоредат сумата која им припаѓа за постојните девет месеци, на пример на шест месеци, 12,  18, или дури и на 36 месеци, можеби и може да се разговара за некакви нови мерки и право на избор. Тогаш тие би добиле извесно право на избор, под услов ако за истиот период не им тече работен стаж, а ако се надмине сегашниот лимит од девет месеци, да не се зголеми вкупната сума. Единствено ваквото прераспоредување на средствата би можело да биде реална основа за некакви мерки и решенија, во кои со постојните средства кои во Фондот ги уплатуваат сите корисници на здравствените услуги заедно, ќе се реализираат различните желби на мајките, сеедно колку долго би сакале да останат на платено породилно отсуство. Сепак, веројатно е дека ова ќе донесе бенефиции само за мајките со највисоки плати, а оние со најмали плати одвај има што да поделат за тоа двојно подолго платено отсуство. Инаку, во принцип, невозможно е да се задолжи Фондот да и овозможи на секоја мајка која на пример, ќе реши да роди три деца едно по друго вкупно 54 месеци отсуство, што е еднакво на четири и пол години плата и придонеси. Ако се знае дека од истиот Фонд се финансираат и болниците, клиниките, лековите и сѐ друго во здравството, ваквата мерка многу негативно ќе влијае на квалитетот на услугите во останатиот дел од здравството. Да му ги скратите некому лековите за да може една мајка да има платено безмалку пет годишно отсуство од работа е исто така неправедно, а тоа би било логична последица од привилегиите на дуплото породилно отсуство за три деца. Тоа не можете да го правите без да биде двојно поголем приливот во Фондот затоа што економијата пораснала за два пати. И тоа не се прави никаде во светот. Привилегиите растат само тогаш кога расте економијата. Женски Магазин Дали постои можност за дискриминирање на жените на работа? Базерко За жал посочените мерки, иако навидум се добра идеја, мислам дека ќе придонесат за дополнителна негативна, наместо посакуваната позитивна дискриминација на жените на пазарот на трудот. Дури и со постојните девет месеци отсуство, работодавачите не беа восхитени, па бројни се приказните за жени кои барале работа и наишле на затворени врати, само затоа што допрва требало да се мажат, да раѓаат итн. Тоа е дискриминација, но имаше и има економска логика. Иако газдите во приватниот сектор или јавната администрација директно не ги плаќаат боледувањата, тие се оние кои уплаќаат сѐ што има во здравствената каса, а со тоа и ваквите породилни отсуства, постојните или оние дуплираните индиректно би ги платиле повторно тие самите, затоа што Фондот не создава средства, туку истите ги собира и распределува од вработените. Тоа е истата каса со лековите, болниците и клиниките во јавното здравство. За работодавачите поконкретно, не е важно само прашањето кој ќе ги плаќа породилните отсуства, туку и зошто некој сопственик на компанија би финансирал доедукација, специјализација или обуки за вработена жена, која нема да се појави на работа 3 или дури и 4 и пол години? За 4 и пол години можеби сите правила на бизнисот ќе се променат, а може и компанијата нема да постои. Дури и да станува збор за маж кој би најавил толку долго отсуство од работа, работодавачот нема мотив ниту да го прими на интервју за работа, а камо ли на работа, или да го обучува, да го прати на специјализација и слично. Ако истото од аспект на бизнис интереси би важело и за маж и за жена, тоа воопшто не треба да се нарекува дискриминација. Од друг агол погледнато, жените кои вистински сакаат паралелно да градат кариера и да се мајки, со самото зголемување на породилното, по автоматизам, ќе бидат лишени од шанса истото да го направат. Кога би станало вообичаено и очекувано една жена да е отсутна од работа три години поради породилни отсуства, наместо сегашните година и пол за две деца, тогаш тешко ќе се убеди кој и да е работодавач дека таа навистина сака да гради кариера и се плашам дека апликациите на жените за некое работно место ќе завршат како апликации што воопшто нема да се разгледуваат. Идејата е добра, но последицата на подолг рок може да биде намален број на жени кои кога и да е би биле воопшто примени на работа, а тоа и не е придобивка во корист на жените. Женски Магазин Дали ова ќе донесе социјална сигурност за идните мајки? Базерко Предложеното право на 18 месечно отсуство не може да донесе поголема социјална сигурност за мајките затоа што мајките не живеат во некаков вакуум простор. Кога на пример со новите девет месеци плати и придонеси исплатени од Фондот, над сегашните девет месеци, за да бидат 18 како што се предлага, ќе им ги одземете евтините лекови за срце и притисок на бабите и дедовците, прегледите без партиципација на вработените, или прегледите и операциите со минимална партиципација на сите, тогаш никого не можете да обвините што немало Брза помош, дежурен лекар или соодветен специјалист во здравствената установа. Парите на Фондот се тие, а тоа не се неограничени средства. Од истиот Фонд по принцип на солидарност се лекуваат и невработените и пензионерите и вработените и мајките, па прашањето гласи: Од каде ќе земете за новите привилегии на мајките? Ние не сме некаква економска супер сила за да си дозволиме дупло поголеми одливи од Фондот за здравство. Ниту сме посилна економија од една Германија во која работодавачите плаќаат само 8 недели задолжително породилно отсуство. Затоа, нашето клучно прашање не е колку мајки би седеле дома со задоволство покрај децата со целосна и голема плата, затоа што одговорот е: Сите! Клучното прашање е: кои се тие средства и проценти на раст на производство во економијата со кои нема да  се нарушат билансите во Фондот за здравство? Ако немаме двојно поголем раст во економијата, нема од каде, затоа што нови или поголеми давачки во приватниот сектор во земја со толкав број невработени не се препорачливи. И да не заборавиме, не се само мајките кои работат на кои би им дале 18 месеци породилно како награда. Што е со мајките кои не работат? Дали е, и колкава дискриминација е на тие мајки да не им дадете ништо откако ќе ги зголемите привилегиите на мајките кои работат? Ете на пример, дали ова за сите мајки кои не работат би било два пати поголема дискриминација? Тие освен што немаат работа, немаат никаква друга привилегија. Никаков стаж и придонеси не им се бележат додека ги растат децата. Ако законскиот минимум за да се закачат мајките на бенефициите од Фондот за здравство е шест месеци да биле вработени, со кое право од Фондот треба да бидат испумпани средства за петкратно поголеми плати, придонеси и стаж додека да родат и пораснат по две деца? За нивните три деца според дуплираното отсуство би ни требале дури и четири и пол години солидарно уплатени од здравствениот денар на сите нивни плати и придонеси. Тоа се вртоглаво големи суми од најмалку 50.000 евра за секоја мајка која во истиот период нема да придонесе во Фондот ниту еден денар, а 200 мајки кои ќе родат по три деца би ја чинеле државата дури 1.000.000 евра. Да не заборавиме, фондовите ги полнат само тие кои работат, а ги празнат оние кои се привремено отсутни, или не по своја вина не работат. Па така, за посочениот 1.000.000 на контото на 200 мајки, сумата на здравствените придонеси во просек е еднаква на уплатени придонеси од над просечни плати на околу 33.000 активни вработени месечно, и тоа под услов нив да не им затреба никаква здравствена услуга. Или, поинаку кажано, тоа сега е вкупниот здравствен буџет на некоја од помалите општини во Македонија. Од овие причини веројатно и европските земји воопшто не размислуваат за вакви привилегии, иако се далеку побогати од нашата. Но, дали се привилегирани или дискриминирани сите жени во Европа со 14-те недели во просек задолжително платено породилно боледување? Или можеби и само тие 14 недели за нив се привилегија по која можат вистински рамноправно да продолжат да работат и со тоа да ги полнат фондовите и касите на државата многу побогата од нашата. Не знаеме како размислуваат тие, но нивната социјална сигурност е сепак поголема од онаа што овдешните мајки би ја добиле со 18-те месеци породилно отсуство. Знаете, највисока социјална сигурност секогаш ја има во оние земји во кои има високи побарувања на работна сила на пазарот на труд. Нашите илузии за тоа што е социјална сигурност се далеку од вистинската социјална сигурност на развиените земји, а без силна економија никаква социјална сигурност никаде не е можна. Женски Магазин Дали е добро нашиот систем да ги следи примерите на земји кои имаат силна институционална моќ? Базерко И да, и не. Ако мислите на Скандинавскиот модел каде се силно развиени секторите на услуги поврзани со децата од најрана возраст за тоа ви треба силна економија и висок степен на солидарност на заедницата. Ние ги немаме и двете. Европскиот модел со 14 задолжителни недели исто така не ни одговара, затоа што тоа би значело намалување на веќе освоените права на мајките и децата. Погледнато наназад, кај нас и самото напуштање на традиционалниот модел на живеење со баби и дедовци во заедница, не донесе до целосен развој на градинките, ниту до целосно развивање на понудата на услугите на обучени дадилки преку приватни агенции. Нашата економија не е развиена токму во терцијарниот сектор на услугите. Кога би имале голема и квалитетна понуда на услуги, ние би имале и евтини бејби-ситер сервиси, евтина храна во рестораните, евтини игротеки, евтини сервиси за перење и чистење. Тоа многу повеќе им треба на мајките, сегашни и идни, за да имаат повеќе време за себе, за да им се посветат на децата, на работата, отколку што им треба да се 18 месеци дома со пелените. Можеби таа привилегија и ќе ја добијат, но прашањето е што се ќе изгубат поради таквото добиено право? Разликата меѓу 18 месеци дома во една земја без никаков сектор на услуги со кои им се олеснува животот на мајките и на децата и оние само 14 недели во богата земја која има и добра економија и секакви евтини и достапни сервиси и услуги е огромна. На мајките им треба сета помош на светот, но зошто ли мајките од Европа и Скандинавија досега не се сетиле да побараат 18 месеци платено отсуство, малку е тешко да се одговори без една сериозна анализа што имаат тие, а што се немаме ние. Конечно, не се за сѐ виновни и одговорни мајките. Развојот на секторот на услугите и сервисите не е во доменот на мајките, туку е во доменот на некои други мерки и политики кои и на мајките, и на децата и на сите ќе им донесат повисоки бенефити и привилегии, отколку сите социјални фондови и мерки заедно. Тие од Скандинавија и Европа се сетиле на ова со децении пред нас. Затоа таму и со 14 недели е лесно да се биде мајка, а овде и со 18 месеци породилно, е и ќе биде тешко. Сосем за крај, иако проблемот се пресликува преку траењето на породилното отсуство, решението на проблемот не е во должината на породилното отсуство, туку во евтините сервиси и услуги достапни за мајките и за децата, за да можат мајките спокојно да продолжат да работат по оние 9 месеци породилно отсуство. Според Европските статистики барем за платеното породилно отсуство од девет месеци ние сѐ уште сме шампионски привилегирани! Толку привилегирани што сите жени од Европа би можеле да ни позавидат. За Женски Магазин, Вики Чадиковска