Мајчината болест е мојата сила

Посветено на сите семејства кои се соочуваат со дијабет дома Сите ние имаме некакви стравови. Некои се реални, некои нереални. Некои ги совладуваме, некои не. Најголем дел од нив, почнуваат кога сме деца. Мојот најголем страв беше стравот од смрт. Но, не ме плашеше мојата. Ме плашеше смртта на моите родители. Знам дека не сум единствена. А токму денес со причина, ја раскажувам мојата приказна. Мајка ми имаше дијабет. Цел живот. Го добила додека била бремена со мене. Во бројни случаи гестацискиот дијабет во текот на бременоста, може да се повлече по пораѓањето. Така беше во мојот случај, но мајка ми ја немаше таа среќа. Фактот дека мајка ми има шеќер во крвта, како дете ми изгледаше многу страшен. И да бидам искрена, сè уште ми изгледа така. Со тек на време научив дека оваа болест е опасна, но дека може да биде совладана, доколку си внимателен. Бара дисциплина, совршен ред и голема посветеност. Животот со дијабет не е еднонасочна улица, иако на почеток изгледа така. Мајка ми функционираше како часовник. Оброците и се секогаш по точно определен распоред и во точно определено време. Постојано беше активна. Но, и особено внимателна. Готвеше за секој од нас, секојдневно од супа до главно јадење и на крај десерт. Нешто што ни еднаш не ја видов да проба, освен кога се случуваа миговите на пад на шеќерот. Всушност, не знам што беше пострашно за мене како дете, дали фактот дека го има дијабетот и редовно го регулира или миговите кога ќе и падне шеќерот. Но, благодарна сум што израснав со неа. Таа е храбра и вистински борец. Животот го живее како нормален човек, иако секогаш јасно го знаеше фактот дека има дијабет. За мене и моето семејство, дијабетот на повеќе начини беше среќа во несреќа. Тоа имаше позитивно влијание за градење на здравјето на моето семејство. Поучена од мојот вистински пример, во периодот на мојата бременост, бев многу дисциплинирана, посебно кога ми беше утврдено покажувањето на шеќерот во еден период. Од исхраната ги исфрлив сите продукти кои содржат поголеми количини на шеќер или скриен шеќер. Ги прескокнував грозјето, смоквите, лубениците или дињите, иако претходно беа на листат овошја кои ги сакав. Пешачев многу. Внимавав на редовноста на оброците. Дијабетот го совладав. Но, ја научив и лекцијата. Да внимавам и постојано да следам. Да бидам активна и да го одбирам она што го имам во чинијата. Преработената храна да ја прескокнувам секогаш кога можам. Дијабетот на мајка ми, како дете ми беше најголем страв, да не ја изгубам. Но, како што растев, сè почесто дознавам дека тоа е таа позитивна сила која на секој можен начин го обликуваше мојот живот. Мајчината болест мене ми даде сила. Таа беше мојата животна лекција дека сè може да се победи. Мора да се биде истраен, упорен и посветен. Мајка ми е мојот пример дека сите решенија и животни битки се во наши раце. Таа е личност која живее повеќе од 5 децении со дијабет. Активна и внимателна е секој ден, дури и сега. За Женски Магазин, Вики Чадиковска