Рецепт „Cookies“
Рецепт „Cookies“

Рецепт „Cookies“

Пораснав со нашите христијански Бадник и Божиќ и кај и да сум тие се за мене празник на моето семејство. Не ги негувам божиќните и новогодишни трендови на западот, но ги сакам овие т.н кукис коишто тие ми ги оставаат на Дедо Мраз со чаша млеко да касне, кога ќе ги достави подароците. 😂

Јас искрено не го очекувам, а и немам оџак, ама ги направив за една балканска дружба викендов.

Потребни состојки:

250 гр. Путер

250 гр. Шеќер

150 гр. Кафеав шеќер

1 лажиче сода

1 јајце (големо)

1 жолчка

220 гр. Сечкано чоколадо

700 гр. Брашно (плус минус неколку грама)

Прстофат сол.

Вклучете ја рерната на 180 степени. И две големи тави од вашата рерна обложете со хартија за печење.

Путерот (на собна температура) изматете го заедно со белиот и кафеавиот шеќер додека не добиете кремаста смеса приближно 3 мин. Потоа додадете ги јајцето и жолчката и матете уште минута.

 

Во друг сад просејте го брашното заедно со содата и солта, промешајте и додадете ги во смесата со путер. Мешајте со дрвена лажица да добиете хомогена смеса. Доколку смесата е уште леплива, додадете уште малку брашно. Треба да добиете средно тврда смеса која не лепи. На крај додадете го чоколадото, јас ставив микс од црно и бело, а вие ставете чоколадо по желба или пак апетисани или суво овошје и промешајте да се соедини смесата со парчињата чоколадо.

Од смесата направете топчиња и ставајте ги на поголемо растојание бидејќи ќе се рашират. Додека се пече првата тура, смесата држете ја во фрижидер. Печете од 8 до 10 мин. Зависно од големината на топчињата.

Послужете се откако целосно ќе се изладат или спакувајте ги во некоја кутија максимум 4 дена. Не верувам дека ќе стојат, но да ве информирам 😊

За Женски магазин, готви Маја Зивчевиќ

Поврзани написи

Create Account



Log In Your Account