РОДОВА (НЕ)ЕДНАКВОСТ ВО ПОЛИТИКАТА

Комплетно и рамноправно учество на жените во сите сфери на политичкиот процес е значајно за секоја демократија. Рамноправноста меѓу жените и мажите е едно од основните права и слободи во уставниот систем на земјава. Сепак, ова поубаво звучи, од тоа што реално изгледа. Македонија сè уште е заглавена со стереотипите, ако ја анализираме родовата еднаквост во земјава. Стратегијата за родова еднаквост од 2013, учеството на жените во политиката го оценува како главна цел. Учеството на жените на лидерски позиции на национално и локално ниво е важен фокус за глобален развој на политиката. Законската рамка сугерира минимална квота од 40% на жени на листите за парламентарните и локалните избори. Но, оваа бројка на т.н втор пол, тешко се остварува. „Микро сликата наречена–кандидатури за локални избори е само рефлексија на она што реалност во целото општество – страв од успешни жени. Но, освен пополнувањето „дупки“ во обврзувачката законска бројка, она што е вистинската болка на македонското заболено општество е тоа што учеството на луѓе во политиката се гледа врз призмата на родова, етничка, партиска застапеност, а не по правилото - избор на професионалци и луѓе способни да работат или пак да не работат некоја работа најдобро што можат“ - смета новинарката на телевизија 24 Душица Мрѓа.   Статистичките показатели од неодамна, укажуваат на нееднаквост во многу полиња. На пример, иако 57% со докторат се жени, само 38% од наставниците кои се вработени со високо образование, се жени. На пазарот на труд лесно се забележува небалансираната родова еднаквост. Ова особено е воочливо во руралните области. Жените се недоволно застапени и во области од јавни мислење и медиуми. Во медиумите, учеството на мажите е застапено со 71,8%, наспроти 28,2% жени. „Бројката на жени кандидати за градоначалнички, не само што не е оправдана, туку е и крајно дискриминациска и демотивирачка. Всушност, го изразува стравот на мажите во нашето општество, дека жена може да води. Истовремено и ароганцијата дека припадничката на „послабиот“ пол не може да биде подобра од претставникот на „посилниот“. Ние навистина не сме имале ситуација жена да не води, ниту во главниот град, па ни во поголемите градови, ниту како избран премиер или претседател на државата. Она што мене ме запрепастува е дека на толку активни жени во политичките партии, тие сè уште како да чекаат мажите да ги пофалат, охрабрат, и да им ја дадат шансата. Жените, меѓусебе треба да го изградат системот на поддршка, на создавање вредности и влијание и на младите генерации девојки и девојчиња да им покажат што се е можно“ - вели Ели Пешева, директор на комуникации во маркетинг агенцијата Њу Момент. Според статистиката од јануари 2017, жените на министерски позиции се застапени со 52% во Бугарија и Франција, Словенија е со 50%. Во регионот, ако ја исклучиме Бугарија, оваа броја е:
  • Србија со 26%
  • БиХ со 22%
  • Хрватска и Црна Гора со 20%
Според истражувањето кое е направено од Реактор, на мажите во брак со деца, во Македонија, им е полесно да станат општински советници отколку на жените во брак со деца. Ова посебно е нагласено кај албанските советници и советнички. Едно од објаснувањата би можело да биде недостатокот од установи за згрижување на деца. Друго е дека мажите не учествуваат во домашните обврски, грижата и одгледувањето на децата. Истражувањето на Реактор за учеството на жените во политиката на локално ниво е спроведено во рамки на проектот на НДИ, а финансиран од француската амбасада. Самото истражување е прво од овој вид направен во Македонија и дава многу корисни податоци во поглед на различните критериуми кои се бараат во однос на квалификациите на мажите и жените, факторите кои влијаат на нееднаквоста, процедурите за регрутација и патот до функциите, разликите во развојот на политичката кариера, мотивацијата итн. НДИ Македонија смета дека е важно да се обезбеди нов поттик за учество на жените во политиката во нашава земја. Нивниот тим се залага за поголема вклученост на поголем број жени во политичките процеси на одлучување. „Доказите јасно покажуваат дека жените: поверојатно е повеќе да работат на меѓупартиска основа, да покажат поголема одговорност за потребите на гласачите; да бидат повлијателни во обезбедувањето траен мир; да бидат ефективни во поттикнувањето на довербата на граѓаните во демократијата и поголема е веројатноста жените да дадат приоритет на образованието, здравството и други клучни развојни индикатори“ сметаат од НДИ Македонија. Истражувањата покажуваат дека женското лидерство и стилови за разрешување конфликти, вклучуваат и демократски идеали, и дека жените тежнеат да работат во помалку хиерархиска поставеност, на начини кои значат поголемо учество и соработка отколку нивните машки колеги. „Македонскиот проблем не е само тоа што жената е премалку застапена на политички функции (еве на овие избори има само 15 жени од 206 кандидати, тука и „премалку“ е малку), тукушто нејзината политичка кариера речиси без исклучок е во сенката на партискиот лидер-маж. Дури и оние жени коишто ќе успеат да влезат во овој смешен процент и потоа да се закитат со функција зрачат со ликот којшто општеството го исцртал како најприфатлив за полот – покорна, послушна, тивка, никако бунтовна, дотерана по калап, вистински поддржувач на успешниот маж зад којшто стои. За мене ова е поголем проблем. Да, ми пречи тоа што нема ниту една жена лидер на сериозна политичка партија, ми пречи малата застапеност на жените, но искрено, најмногу ми пречи задоволувањето на квотата само како законска норма, без суштински да се има волја за сериозна рамноправност на жената и на мажот. Значи, се избираат жени коишто реално немаат капацитети да го засенат неговото височество лидерот и најбитно – никогаш нема да му се спротивстават, а неговите одлуки ќе ги спроведуваат со карактеристичен стоицизам. Затоа наместо упорно да се залагаме за поголем број на жени, да кажеме збор - два и за квалитетот на тие жени и да си одговориме на прашањето зошто со години не блеснала (чест на ретки, ретки исклучоци) навистина успешна жена во македонската политика“ смета Катарина Синадиновска, Претседател на советот за етика во медиумите. Статистиките укажуваат дека:
  • општеството во Македонија не поддржува жени во политика, - ж 11.2% м. 10.6%
  • Мажите доминираат во политичките партии и не ја даваат моќта. - ж 39.8% м. 30.8%
  • Жените не се заинтересирани, нема кандидатки. Жените се помалку амбициозни, не сакаат да преземат одговорност. - ж 21.7% м. 42.1%
Причини за незадоволителната застапеност на жените, според истражувањето на Реактор, се
  • Индивидуалните: баланс на приватни и професионални обврски, недостаток на самодоверба, губење на мотивација заради неможност од промени, склучување на зделки во кафеани
  • Законодавни и институционални: предвидена е квота единствено за законодавна власт, процедури и практики на политички партии итн.
  • Социо-културни - стереотипи, медиуми
  • Политичките партии ги попречуваат и дискриминираат жените (на мажите им даваат шанса, а жените мора да се докажат пред да добијат шанса, рак. функција на возраст од 31 г. за мажи, а 38 или 45 за жени
„За мене е лицемерна наводната борба за родова еднаквост која мажите ја пласираат, тие не се вклучени во реформите за женската вклученост на лидерски позиции. Тоа е општествен проблем кој доколку се сака, може да се надмине. Ниту еден лидер на партија не може да ме убеди дека не нашол доволно образована, посветена на работата, чесна и жена која ги познава проблемите во општината. Останува праксата која не сакаат да ја менуваат, да гаат општество кое ќе се сомнева во женските квалитети. Жената кај нас сè уште се перципира како кршлива и мека, а од неа се бара да биде добра домаќинка, посветена мајка и страсна љубовница. Се што ќе биде поразлично од ова, може лесно да се критикува. Кај нас е сè уште необично ако таткото користи породилно боледување, ако готви, чисти или ги чува децата. Поддржувањето на ваквите стереотипи ја оддалечува жената од лидерските позиции“ - смета Катерина Топалова, уредник на информативната програма на МТВ. Конечно, жените треба да бидат похрабри и погласно да ја искажат својата борба за родова еднаквост. Според истражувањето на Реактор, жените се силно посветени на градењето мир и постконфликтна реконструкција и имаат можност да придонесат на преговарачката маса со единствено и моќно гледиште. Податоците од истражувањата укажуваат дека вклученоста на жените во најраните фази на мировните процеси ја зајакнуваат стабилноста, ја намалуваат корупцијата во политичките институции и придонесуваат да унапреди повисокиот животен стандард, а посебно здравствената заштита и образованието. НДИ се залага за поголема вклученост на поголем број жени во политичките процеси на одлучување. Од неодамна, иницијативата на локално ниво која има за цел да се зголеми бројот на жени градоначалнички, стана програмски приоритет. Доказите јасно покажуваат дека жените: поверојатно е дека повеќе работат на меѓупартиска основа, покажуваат поголема одговорност за потребите на гласачите; можат да бидат повлијателни во обезбедувањето траен мир; можат да бидат ефективни во поттикнувањето на довербата на граѓаните во демократијата и поголема е веројатноста жените да дадат приоритет на образованието, здравството и други клучни развојни индикатори. На овие локални избори, само 15 жени ќе се борат за градоначалничката позиција. Поголем дел од нив, се во област каде нивната позиција уште од почеток е на несигурно тло. Политиката и учеството во неа, кај нас, од различни причини, сè уште се смета за машка професија и потребно е поткревање на свеста, но и активно учество на самата жена и нејзина упорност при лобирање и позиционирање во рамките на политичките партии. Од друга страна потребна е и политичка поддршка, но и поддршка од интелектуалната и научната елита, бидејќи сите тие се креатори на јавно мнение и ќе придонесат за афирмација на жената во политиката и ќе се изгради вистинскиот пат кој ќе води кон еднаквост на двата пола во политиката. Ова беа и дел од главните поенти на панел дискусијата која се одржа на 9 октомври 2017 година на Правниот факултет Јустинијан Први. Панел дискусија носеше наслов „ Жените лидерки и нивното учество во политиката - пат кон еднаквоста “, а беше во организација на Правниот факултет Јустинијан Први, Шведската амбасада во Скопје и UN WOMEN. Во Македонија може да се забележи дека се работи на полето на унапредувањето на женските права. Но, сепак треба уште многу за да се стаса до еднаквост на двата пола на лидерски позиции. За Женски Магазин, анализа на Вики Чадиковска