СИНТЕЗИС СО АЛБУМ И МОНОГРАФИЈА: Со нераспакувани куфери го чекавме секое следно патување
СИНТЕЗИС СО АЛБУМ И МОНОГРАФИЈА: Со нераспакувани куфери го чекавме секое следно патување

СИНТЕЗИС СО АЛБУМ И МОНОГРАФИЈА: Со нераспакувани куфери го чекавме секое следно патување

Не знам во колку држави сме настапувале, можеби е подобро да избројам во колку држави не сме. Сме биле во речиси цела Европа, Јапонија, Австралија, Виетнам…, не сме биле само во Африка и во Јужна Америка. Се обидовме да изброиме колку пати сме летувале заедно, ама не успеавме

Сношти многуте пријатели на македонскиот етно-состав со светски успеси „Синтезис“, патуваа со нив низ времето. „Синтезис“, иако постојат 23 години, обележаа 20 годишен јубилеј со промоција на монографијата „Синтезис – Патување низ музичкото време“ и осмиот по ред албум „Остров“, во клуб-ресторанот МКЦ во Скопје.

На „Синтезис“ им фалеше уште книга, за да не влезат во прашливиот заборав. Додека пишував, се справив со две ситуации, прво – пишувам за мои пријатели, а друго – Синтезис во нивните почетоци од 1995 година, па некаде до 2001 прва не беа многу медиумски експонирани, неоправдано беа потонати во медиумски молк. Затоа, ми послужија живите сеќавања на Шуте и на Мац“, изјави авторот на биографијата Милан Панов. Во неа пишуваат и Оливер Белопета и Бранка Костиќ-Марковиќ, кои исто така се обратија на промоцијата, како и Михаил Ренџов, Владимир Мандичевски, Венко Андоновски и Елени Новаковска.

Полесно ни беше да патуваме кога немавме деца. – трите дами на „Синтезис“. – (од лево) Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Мирјана Јошеска.

Дел од приказните на групата која го прошета светот, за Женски Магазин раскажа една од трите дами-женски вокали Билјана Ристовска.

Не знам во колку држави сме настапувале, можеби е подобро да избројам во колку држави не сме. Сме биле во речиси цела Европа, Јапонија, Австралија, Виетнам…, не сме биле само во Африка и во Јужна Америка. Се обидовме да изброиме колку пати сме летувале заедно, ама не успеавме“, рече Билјана додека примаше честитки за успесите со колешките Анета Шуланковска и Мирјана Јошеска.

Среќа е што во тој период кога имавме многу патувања бевме немажени и немавме деца. Сега веќе е многу посложено и покомплицирано. Пред осум години, имаше случаи кога воопшто и не успевавме да се распакуваме од едно патување до друго. Куферите ни беа спремни, нераспакувани бевме по дома, зашто секој викенд не чекаше ново патување. Последниве години, веќе немаме време за ништо, затоа што малите ни се по осум години. Сега треба да се направи специјална организација ако во текот на месецот настапиме некаде. Фамилијата си го прави своето, меѓутоа поубава работа од тоа нема. Кога се родија нашите мали, тогаш ја почувствувавме вистинската причина за нашето постоење“, раскажа шармантната блондинка.

„Јас имам близначиња, Михајло и Михаела, имаат осум години. Синот на Мими, Димитар, има исто така осум години, осум дена е постар од моите, и има уште едно бебе, двомесечниот Тео. Анета има две девојчиња, Ива, седум години и Ева три“, додаде таа.

Дваесет и трите години колку што се на сцената се дел од приказните и фотографиите во монографијата „Синтезис-патување низ музичкото време“

Албумот „Остров“ има седум песни. На четири од нив пееме ние, девојките, а останатите се инструментални. На двете од инструменталните ни гостува Влатко Стефановски. Навистина се преубави нумери. Албумот го правевме во последниве 5-6 години и ова е вистинско време за него, затоа ни е драго што по толку време успеавме да го издадеме. Стилот е истиот како и порано, обработка на старите, традиционални песни, кои ги наоѓаат и ги преработуваат нашите машки членови: Радослав Шутевски-Шуте, Гоце Димовски, Ване Јовчев, Марјан Јовановски и Гоце Узунски. Ние само како шлаг на крајот доаѓаме“, заврши Билјана. Албумот е снимен во студиото „Подрумот“. Продуценти се „Синтезис“ и Ангел Ќосев. Дизајнот е на Иван Дургутовски. Издавач е Скопски џез фестивал, зад кој стои Оливер Белопета, првиот менаџер на „Синтезис“.

За Женски Магазин, Милица Џаровска

 

Create Account



Log In Your Account