Сузана Тахир: Какво образование, такво општество!
Сузана Тахир: Какво образование, такво општество!

Сузана Тахир: Какво образование, такво општество!

Современото општество е во континуиран процес на унапредување на образовните и воспитните услови, а со тоа и квалитетните рефлексии на тоа поле. Подигнувањето на квалитетот на организациските аспекти во училишните средини, постигнувањата и резултатите на образовните перспективи, како и во сферата на компетенцијата, се суштинските фактори на отпочнатиот процес на реформските активности- вака професорката по социологија, Сузана Тахир, дава осврт за најавените реформи во образованието. Таа е дел од Наставничкиот пленум и од работните групи кои беа активно вклучени во дебатата за образовни реформи. Нив вели ги смета за растоварување од обемните наставни содржини за учениците од најрана возраст и овозможување на повеќе време за поттикнување на нивно слободно и креативно развивање.

Во таа смисла, најавените реформи во основното образование, се согледуваат како мошне позитивен модел, од аспект на совладување на наставните образовно – воспитни цели и задачи. Предвидениот одмор од 15 минути, како едукативна алатка, поттикнува и развива креативно – иновативни потенцијали кај децата, особено што реформата го подигнува и капацитетот на учителската улога, во сферата на компетенциите, со предвидената автономија и слобода на наставникот, за одредувањето и креирањето на слободното време на ученикот. Така што, применливите методи во оваа реформа, би ефектуиралe со подигање на интересот и мотивацијата на ученикот и квалитетното професионално делување на наставникот. Слободното време дадено на ученикот, не е изгубено време, особено што вниманието во предвидени реформи е насочено кон воспитната компонента од социјализацијата на ученикот, која продуцира квалитетен потенцијал и оспособување на ученикот во натамошната динамика на образовниот процес– објаснува професорката Тахир.

Досегашните образовни политики, според неа не овозможија развивање на квалитетни потенцијали и образовни перспективи, особено поради казнените политики врз наставникот и слабата организираност на екстерните тестирања, кои продуцираа способност за меморирање на памет, но не и стекнување на знаења и вештини.

Несомнен е фактот дека нашиот образовен процес, според резултатите од PISA меѓународните тестирања за проверка на способностите на учениците, покажува многу слаб квалитет, карактеризирајќи го македонското образование како систем со недостатоци и слабости. Реформите претставуваат пилот проекти, за кои понатаму следат организирани отворени јавни дебати, при што, ќе бидат разменети ставови и мислења од повеќето фактори и чинители на образовно – воспитниот процес. Всушност, се работи за интегрирање на два предмети во еден наставен час, со јасно поставени цели, а во натамошните планирања веројатно земени се предвид и стручните компетенции на наставниците по секој предмет. Ако појдеме од моделите на развиените образовни системи и нивните искуства, наставните часови можат да се реализираат во присуство на повеќе од еден предметен наставник, со оглед на стручните познавања. Во тој контекст, би се развило и тимското работење на стручните активи, како едно од повеќето недостатоци во нашето образование-објаснува професорката по социологија.

Покрај образовниот, вели и воспитниот процес не е издвоен дел, туку напротив, образованието според неа е производ на воспитанието и како мошне динамичен процес е во континуирана и сложена интеракција, при што меѓусебно се обусловуваат и го градат капацитетот на образовните чинители и на индивидуалните потреби и интереси.

Предлог измените имаат посебно значење и влијание врз социјализаторската улога на образовниот процес, пред сè на воспитната компонента, како процес на стекнување на вредносен систем, во кој децата и младиот човек, целосно се оспособуваат и интегрираат како личности за живот во заедницата. Индивидуалниот аспект, како квалитет, единствено е возможен со воспоставената соработка и однос помеѓу наставникот и ученикот, а притоа утврдување и остварување на заемните потреби и интереси– додава професорката Тахир.

Јазот помеѓу стекнатите теоретски знаења и применетото знаење во праксата, како заемен процес, евидентно не е на задоволително ниво, земајќи ги особено предвид слабите резултати на меѓународните тестирања. Поврзувањето на теоријата и праксата, од научен аспект, како што вели се согледува како основен фактор во едукацијата, при што, посебно место заземаат индивидуалните развивања на практичните знаења.

Всушност, образовниот систем, реално не беше доволно вклучен во реализирање на методолошкиот пристап на поврзување на теоријата и праксата, како поле на проучување и оспособување кај младите, а се утврдува како значајна функција во градењето на повисоки образовни стандарди и процеси. Големиот јаз се однесува на стекнатите теоретски и стручни знаења, од една страна и вештините за вклучување во процесот на пазарот на трудот. Според моето досегашно искуство и согледување, особено значајно за оспособување на учениците за нивно вклучување во пазарот на трудот, е стекнување на применето знаење, кое по својата суштина ги содржи неопходните вештини за лично оспособување и идни перспективи– потенцира професорката по социологија.

Единствената можност за поттикнување на интересот кај ученикот во неговата најрана возраст како што вели е практичното користење на слободното време, како период на ненаметливо адаптирање кон работните навики. Но, како најзначајно влијание на таа возраст, претставува секојдневната посветеност кон ученикот, внимание, грижа, разговор, разбирање и љубов преку давање на пример во самата училишна средина за важноста на тие модели на функционирање. Дополнително вели важна улога има и емоционалната компонента во поттикнувањето на интересот кај ученикот.

Со предвидените реформски заложби, кои се веќе најавени, слабостите во однос на притисоците, административната оптеретеност, како и казнените политики преку закани, се очекува дека ќе резултираат со нивно совладување. Кога се размислува за авторитетот на просветниот работник, сосема е јасно дека неговата одржливост и градење е тесно поврзано со вреднувањето на знаењето кон коешто тежнее една заедница. Истовремено, потребно е да се потенцира, дека очекуваниот висок квалитет на знаењето и едукацијата е тесно поврзан со егзистенцијалниот стандард на просветниот работник. Според мислењето на просветниот работник, подеднаква важност и значење имаат сите чинители на образовниот систем, во кој учителската улога, ја има најзначајната функција. Имајќи ја предвид релевантноста на знаењето и вештините како клучни компоненти, суштинска е улогата на наставникот во пренесувањето на тие вредности и соодветната мотивираност– нагласува професорката од Наставничкиот пленум.

Квалитетот на знаењето, кон кој тежнеат современите и развиените земји како што вели е стожерот на вредносниот систем на секое општеството, па и на нашето. Оттука смета дека воспитно – образовниот процес се одвива во одреден општествен систем и околности, а не како изолиран систем, така што, карактерот на општеството го одредува и функционирањето на образовните стандарди.

Поврзани написи

Create Account



Log In Your Account