,

Чолиќ за „Женски Магазин“: Забавно е да си татко на тинејџерки!

Тричасовно шоу со неговиот комплетен бенд и танчарска група им подари Здравко Чолиќ на велешани, сношти на традиционалната манифестација „Велешка питијада“. За најголемата балканска поп - ѕвезда во Велес, дојде публика од цела Македонија, што и не е големо изненадување, без оглед на честите гостувања на Чола кај нас. Чолиќ беше единствениот кој не носеше зимско палто или јакна. И неговите колеги на сцената и фановите, беа облечени како среде зима, температурата надвор беше 6 степени. Тој е и понатаму витален да скока на бината, има добра меморија да препознава стари пријатели во публиката, да им намигне или да им мафне, а на најверните обожаветeлки кои го следат на сите концерти во регионот, да им испрати бакнеж. Токму еден од старите пријатели на Чола, војнички другар од Велес, го поканил да преспие во неговиот дом по концертот. Поради кусиот престој, Здравко и неговата екипа беа сместени во велешкиот хотел „Гардениа“. „ Долго не сме биле овде во Велес, и жал ми е што нема да останеме подолго. Утре си заминуваме за Белград. Обично кога сум во Македонија, каде и да настапуваме, ќе прошетаме неколку дена и низ Скопје, но овој пат немаме време. Ќе дојдам повторно пред Нова година, имам договорено снимање на неколку празнични емисии“, изјави Здравко за „Женски Mагазин“ на кусата средба за време на паузата од настапот. Чола, кој е татко на две ќерки, Уна Звездана (16) и Лара (11), низ насмевка ни раскажа дека не е лесно, но и дека е забавно што е татко на тинејџерки. [caption id="attachment_1291" align="aligncenter" width="1135"] Чолиќ беше меѓу ретките кој не носеше зимско палто или јакна. И неговите колеги на сцената и фановите, беа облечени како среде зима, со оглед на температурата од 6 степени надвор[/caption] „ Уна е сега во фаза кога сака многу да излегува. Сака клубови. Се трудам да ја разберам, и велам дека се доаѓа во свое време. На Лара допрва ќе и дојде тоа време“, изјави пејачот кој последниот студиски албум „ Ватра и барут “ го издаде во 2013 година. Сега подготвува нови песни со повеќе познати автори, за неговиот, 15 по ред албум. Додека Здравко одмараше, публиката ја забавуваше познатиот црногорски тапанар Драгољуб Ѓуришиќ со младите тапанари од неговата школа во Белград. За време на богатото ритмичко шоу, тие беа облечени во маски на познатата велешка пита. Чола за време на својот настап дополнително ги шармираше обожавателките, зборувајќи им на македонски јазик: „Ајде сите, ич не е ладно, одиме уште малце.“ Концертот заврши во два по полноќ, а питијадата продолжува и денеска со настап на Тамара Тодевска, „Суперхикс“ и „Рибља чорба“. Со Здравко Чолиќ за Женски Магазин, разговараше Милица Џаровска