,

Алкохолот ги оштетува матичните клетки и така предизвикува повеќе видови на рак

Со внесување на алкохол во организмот настанува штетна хемикалија која може трајно да ги оштети ДНК матичните клетки, што ја зголемува опасноста од развојот на рак, заклучиле британски научници. Експерти од целиот свет веќе подолго време предупредуваат дека пиењето алкохол придонесува за појава на седум видови рак: на уста, грло, грклан, хранопровод, гради, црн дроб и на дебело црево. Во најновото истражување, научниците правеле лабораториски експеримент во кој им давале етанол на глувци. Потоа со анализа на хромозомите и ДНК утврдиле дека има генетски оштетувања предизвикани од ацеталдехид, хемиска супстанца што се произведува кога телото го преработува алкохолот. Тие тврдат дека ацеталдехидот може да ја разбие и да ја оштети ДНК-та во матичните клетки на крвта што доведува до пореметување на хромозомите и трајно изменување на структурата на ДНК-та во тие клетки. Оштетената ДНК може да резултира со умирање на клетки, но може и да предизвика природна реакција во организмот за обнова. Меѓутоа, ако оваа ДНК не се „поправи“ како што треба, тогаш се појавува канцер. Кога доаѓа до оштетување на матичните клетки, тоа води кон рак, велат научниците. „Додека некои оштетувања настануваат случајно, нашето истражување покажува дека пиењето алкохол може да го зголеми ризикот од вакви оштетувања“, вели Кетан Пател, еден од авторите на истражувањето од Лабораторијата за молекуларна биологија во Кембриџ.