Ана Бунтеска: А кој можи да кажи крајот кога е

А кој можи да кажи крајот кога е

Оти почетокот се сеќава

По трепетот во душата

По пилето во срцето

Кое пее небаре биљбиљ излезен од кафез е

Та ширум ти се отвораат сите клетки

Како да можиш сета љубов на светот

Во едно трошно тело да збериш

Ама кој можи да кажи крајот кога е

И кога душичето ми ти се затвора

Ко врата зад некој шо си го испратил

Со збогум или само со лабав стисок на раката

Или пак со неважен бакнеж во левиот образ

Или неговите ладни усни на твоите кои како од мраз да се

Кога е крајот на “ние”

И кога тоа “ние” се расцепува на ти и тој

Како топол сомун кој на две го кршиш

Та после стискај го тестото за да се соедини

Ама џабе

Пак на истото место ќе се раздели

Со отпечаток на твојте и негојте заби во него

И никојпат поќе исто не е

Иако и двете полојни вкусни се

Ама секоја сама за себе си лежи на софрата

Кога е крајот?

Дали е миг во кој љубовта се лади како мртовец

Или е како долга и тешка болест во која чоек полека се суши

Како цвеќе без вода и сончевина во себе

И еден ден ко ќе се разбудиш гледаш дека ништо не останало

Освен сува земја и свенати лисја

Дали крајот е како земјотрес кој руши се’ пред себе

Или е како подземна вода која тивко разјадува и поткопува

Дур еден ден не се пеплоса

Ете

Мене и на овие години ништо не ми е јасно

И не знам како да си ја објаснам смртта на една љубов

Која како дете е зачната длабоко во нечија матка

И родена со многу мака и бол

За после со олеснување да и’ се радуваш ко на доенче

Та ја чуваш и пазиш

И’ се тресиш ко мајка да си и’

Ја растиш и штитиш

Дур еден ден не ја оставиш своја да е

Токму така, ко дете да имаш

Та ко ќе порасни го пушташ на свои нозе да застани

Ете, чоек да стани и самото низ животот да врви

Ама да знај оти тука за него секојпат ќе бидиш

И секогаш умот и срцето кај него ќе ти се

Така и љубовта од себе еден ден ја пушташ

Со свест оти поќе не можиш во себе да ја чуваш

И дека е време да ја оставиш сама за себе да си постои

Да не ја врзуваш поќе за себе

И за него да не ја арчиш

Туку само така

Помирено и со насмев од себе да ја пуштиш

Знаејќи оти да умри не можи

Оти вкоренета во тебе е

Ама дека и таа свој крај во тој облик има

Та ти олеснува некако

И ја закопуваш

Убо, со сите адети и почести

Со ниет и убав парастос да и’ стокмиш

Ко ќе дојди време

За четириесеттина дена

Ко за чоек

Ко за чоек, пиле

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Стојан Стојановски