Ана Бунтеска: дом ти станува она што срцето твое ќе го засака

Каде ти е домот?

на каде имаш кинисано

знаеш ли патот за назад да го најдеш

или оставаш делови од душата наместо трошки леб

за врапците да не ги исколваат

за да не се изгубиш за навек

каде ти е домот пиле?

онаму каде што срцето забавено ти чука

и тишината во главата ти налегнува

или онаму каде што си меѓу толпа народ

и сечиј глас ти одѕвонува како ехо во градите

каде ти е спокојот?

и каде свој можеш да си

без да му ја мислиш каков ќе се појавиш

и дал си се облекол ко што треба

дали косата саглам си ја наместил

и очилата дал добро на носот ти налегнуваат

ех

каде ми ти е домот пиле?

и дал некогаш си се прашал можи ли чоек дом да ти е

дали можи нечија прегратка огниште да ти е

и насмевка на ќошот од усните чаша вино да ти замени

дали нечиј поглед полн љубов и предавање

можи постела да ти стани

и топлината на една жена двор да ти е

во кој на трева ќе лежиш и во сонцето ќе се џариш

каде, каде ми е домот?

и дали овде каде што сум

е само колку да преспијам на топло

на сигурно и скриена од ветрот

или твоето дишење покрај мене срцево ќе ми го смири

знам

знам дека велат дека домот е онаму срцето кај што ти е

а мене срцево заглавено меѓу два запчаници

едниот страв

другиот љубов

и стои така чинам еден цел век

стои и не мрда

се троши и се абе по рабовите

прокрварува

та си играм докторка и го замотувам силно

ама не мрда пустото

заглавено меѓу желбата твоја да сум

и онаа за да избегам подалеку

оти знаеш како велат

оние старите и мудрите чиј збор алтан е

ете тие велат дека срцето

срцето домот ти го одбира

и дека дом ти станува она што срцето твое ќе го засака

а мене страв дека можам и без срце и без дом да останам

чунки сега посреќна сум

дур снагата ми се дроби и телото пати

и срцево што ме боли по тебе дур вреска

по тебе

по мојата љубов

по мојот дом

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов