Ана Бунтеска: Од љубовта пиле, од неа да се плашиш

Од љубовта плаши се

Оти таа бара и изнудува

Таа очекувања од тебе има

За неа треба да се бориш

Да гризиш усни

Бес да скротиш

За неа треба умен да бидиш

Демоните во себе да ги победиш

Да знаеш кога да премолчиш

И кога најгласен да бидиш

Од љубовта страв да имаш

Оти неа ко ќе ја изгубиш

Малку по малку се отчоечуваш

И внатре душата ти се згужвува

Ко долго време отстоени влажни алишта

Стуткани во машина за перење

Та после стискај со пеглата до бол

Никојпат не успеваш до крај да ги измазниш

Од љубовта пиле

Од неа да се плашиш

И за себе и за оној до тебе што е

Оти таму никогаш само еден не губи

Никогаш само еден жигосан не останува

И раните не се само од еден чоек

Таму крварат двајца

И тројца ако чедо имаат

А ние будали од смртта се плашиме

Умирачката страв в коски ни тера

Демек земјава без нас не ќе можи да се врти

А јас па како стареам

Се’ си мислам оти смртта благородна е

Ниту бара нешто од тебе

Ниту да ја разочараш можеш

Таа си доаѓа кроце и си зема она што нејзино е

Без да праша и да замоли

Без да се пазари и време да остава

Ама љубовта

Таа појќе боли и од животот и смртта

Таа боли фиксирана на едно место

Ти клука некаде меѓу градите и мевот

Онаму каде што на почетокот се раѓа

И каде што велат оти пеперутки шетаат

Таму кај што зататнува првиот бакнеж

И кај што првата караница удира

Таму боли

Како желудецот и се’ околу него да ти гнои

Како затруено месо во утробата да носи чоек

Ништо поубо и пострашно од љубовта нема

Од неа

Од неа чоек најголемиот страв треба да го има

За да памети како треба да ја чува

За да не изуми како себе во љубовта да се штити

Оти таа ко умира

Умира само дел од чоекот

Мал дел без кој уште долго се живеј

А доволно голем за сиот живот сакат да остани

Ко недојаден и недопиен

Ко болен а недолечен

Да те буди самотијата

Да те успива безнадежноста

Таму

Меѓу градите и матката

Од кај што чедо имам извадено

Во тој дел секогаш за тебе љубовта ќе ми спие

Мојот најголем страв

Мојот најголем пораз

Мојот бол

Мојот најголем бол

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Марија Дуева