Ана Бунтеска: после љубовта само љубов останува

Велат оти невидлива е границата

меѓу љубовта и омразата

оти само еден чекор е доволен

да се премине на другата страна

така велат

а јас еве не знам

за мене љубовта била отсекогаш само љубов

а омразата не ја познавам

ама знам кога отсакувам, го знам мигот

и тогаш љубовта ја замислувам со човечки лик

остарен, уморен и тажен лик

ја замислувам како се пакува полека

како сите дребулии ги витка во посебна хартија

претходно вртејќи ја секоја од сите страни

како полека го напушта човекот во кој престојувала

како се отселува од него

небаре ја напушта куќата од своето детство

па пред одење проверува дали се светлата изгасени

или сите прозорци добро затворени

со спуштени ќепенци

а вратите заклучени за да не избегаат спомените

велат оти границата меѓу љубовта и омразата е толку тенка

толку многу тенка што некогаш се чини дека не постои

како исцртана линија со креда на асфалт

која од првиот дожд исчезнува

ех

не знам

навистина не би можела да кажам дали е така

оти кај мене љубовта е како цртање по кожа со мастило

со мастилави игли кои ти ја бојат кожата

и чија боја оди внатре, во телото

ти се меша со крвта

та веќе не знаеш да кажеш што е крв а што мастило

и оди исцеди ја од себе ако можеш

како вечно затруен за навек ќе шеташ

инфициран и заболен

велат

велат оти омразата се вселува откако љубовта ќе замине

а јас пак само за тагата можам да ви кажам

за нејзината тежина и горчливост

за празнотијата со која ме полни

за моќта нејзина која боли

како во кожурец свиткана

и од себе уплашена

велат дека после љубовта ја љубиме омразата

како спас и лек да не се побудали

и велат уште многу нешта кои мене ми се тажни и смешни

оти за мене после љубовта само љубов останува

запишана меѓу двајца кои не успеале да се додржат

запишана некаде во Универзумот

жигосана во срцата

љубовта

онаа која поболува и лечи

онаа која убива и живот дава

онаа која ја живеевме заедно ти и јас

и која уште постои во секој од нас

ама не еден за друг

еден за друг, повеќе не

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Стојан Стојановски