Ана Бунтеска: САМО ЉУБОВТА РАЗУМ НЕМА

Чупче, да знајш оти љубовта разум нема

оти таму глата кај шо врти, љубов не врти

ниту пак ум има и немој ум да и’ бараш

и очи нема за да ја красат

ниту пак со очи гледа

и нејзе не и’ врши работа дали тој до тебе

златници по џебојте има или сиромав е

дали е таман висок

за да ти налегни глата на рамото негово

или е троа понизок од тебе

та ти ќе си го гушниш

љубовта очи нема за да распознај облик

ко ќе му се пулиш во ѕрцалата

и дали носот му е прав или накриво му е насаден

та дали косата му обелела на младост

или пак коса ич нема на глата

и телото дал му е витко или крупно

оти љубовта слепа е пиле

а преку срцето гледа и со друг аршин мери

мери со срцевиот кантар кој баждарење нема

и ко ќе натежни!

ех, ко ќе натежни кантарот ојде се’ по ѓаолите

та срцето ти чука ко да брза некаде да стаса

и клетките внатре ти вријат

а крвта чиниш вител од убајни ти станва

та најубав чоекот ти се гледа

и душата ми ти го сака

а телото само накај него ти се лепи

ко по калап да сте праени

ко ти од него да си излегла

а тој од тебе да е создаден

та ниту друг гледаш

ниту друга чоечка слика ти треба

пиле мое, душо моја

љубовта ќора и глува е

ама вкус и боја има

еве ако не вервиш чекај дур да се вљубиш

и ќе видиш оти и корката леб

ко најубо јадење ќе ти е

а водата ко најдоброто вино

јазикот ќе ти го скокотка

та боите стануваат поубај

светат оти очите ми ти светат

и зло не гледаш ниту зло слушаш

та и на тие шо ми ти згрешиле проштеваш со насмев

и со насмев прошка бараш

и во Господ да не верваш пак молитви ќе си кажваш

измислени и твои

за ти трае љубовта

за да ти цути во душата

за телото од неа и со неа да ти се храни

да те буди со насмев

да те заспива со желба

љубовта

само таа разум нема

само таа разум не смее да има

ниту очи, за накриво да пули

ниту уши, за лошотилаци да слуша

ама уста медена има

за да ја кажиш на либето твое думата за него

и медовина од тебе да потечи

да се удајте од убајни

од среќа

од љубов

од онаа љубов која ништо не поседува

а се’ во себе има

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов