Ана Бунтеска: Се’ на светов век има

Се’ што е закопано гние и се распаѓа

И телото човечко в земја легнато

И зборот кој во душата останува

И мислата по некој што те разболува

Дур умот канцер не ти фати

Дур не умреш

Или во најдобар случај

Дур разумот не те напушти па полудиш

Се’ што ќе се закопа вака или онака

Не исчезнува како никојпат да не постоело

Ете

Дури и од нас луѓето

Коските и забите остануваат со векови

Колку да потсетат дека некогаш гости на овој свет сме биле

Гласни и неуки

Погани и завидливи

Од оние за кои домаќините уште на врата

Се прашуваат кога ќе си одат

Се’ на овој свет што дошло свој век има

Само душите велат оти остануваат

Оти тие не можат да умрат

А на нив налепено сето постоење било

Секој трепет и бол

Секоја среќна дума

Солзите кои в грло не’ гушеле

И смеата која во очи ни болскотела

Не знам јас

Така велат постарите и поумните од мене

А мене пак во умов ми стои

И често на тоа мислам

Душава моја телото ко ќе ми го остави

На каде ќе киниса?!

И сакам да си замислувам дека како птица ќе е

Дека ќе црцори убости дур ќе лета

Дека лесна ќе е

И светла бојата ќе и’ биде

Дека високо, угоре накај сонцето

Ко стрела право ќе оди

Та ќе се нурнува удолу

Вртејќи се во воздухот

За повторно да се вивне горе

На само еден здив од земјата

Се’

Се’ на овој свет крај има

И убавото и лошото

И среќата и тагата

Та и животот ко почнува

Со него и смртта на врата тропа

Секое вдишување со издишување завршува

И секое издишување жедни за ново вдишување не’ прави

Се’

Се’ на светов век има

И ништо бесмртно не е

Освен душите наши

Обоени со љубови неостварени

Нахранети со галежи пресушени

Напоени од маки истргани

Натежнати од чувства

Од зборови кои сме ги изголтале

Од мисли кои не сме си ги кажале

Со надеж дека можеби во некој друг живот

Повторно едни со други ќе се најдеме

И дека нема да се заборавиме

За душите да си ги ослободиме

И љубовта да ја изживееме

Онаа која сега полека ја убиваме

И срцата ко дупки в земја ги оставаме

За да имаме каде иднината да си ја закопаме

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска