Ана Бунтеска: срцето еднаш се крши

Срцето еднаш се крши

само еден, единствен пат пука

и на две се двои

а кој преживее...ех

кој тоа го преживее потем гајле нема

оти нема болка поголема од онаа

кога срцето за првпат се крши

потоа

потоа само се рони

како трошки леб кои надвор ги оставаш

од кои сабајлината гулабите гозба ќе имаат

а ти со носот залепен на џамот во молк ќе ги гледаш

срцето само еднаш крвари

и само еден единствен пат

боли како жива рана

и не оти си удрен некаде

ама боли пустото

во оној кафезот од коски се прпелка

дали излез бара

или чарето не си го гледа

којзнае

ама боли ко ништо дотогаш што не болело

и тој бол не е како стомак ко те вие

та ќе се превиткаш на две

ниту е ко колено да те врти

та да накривуваш на една страна

срцето ко боли можиш испраен да одиш

дотеран и убаво исчешлан

и однадвор ништо да ти се пули

ѓоа за на свадба да си кинисал

а внатре

однатре ко тажна поворка за погреб

низ душата да ти шета

и ништо не помага

ама баш ништо тука не можи да е иљач

ниту лепак има за да се залепи

ниту начин за да се зашие кај шо се поткинало

затоа

само затоа, прај шо ќе прајш низ животот

ама гледај никому срцето да не му го осакатиш

ниту твоето да биди стапнато да не дозволиш

затоа

само затоа со милост кон луѓето да си

и пред да речиш или сториш нешто

клај си прст на глата

нозете во туѓите чевли смести ги

и тогаш види дал ќе те стегаат до крварење

или комотни на нога ќе ти бидат

затоа

само затоа чувај ги другите ко шо сакаш тебе да те чуваат

оти срцето еднаш се крши

а со него и чоекот на средина распукува

и никогаш поќе ист не е

никогаш поќе срцето исто ќе му бие

како цело кога било

  За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов