АНА БУНТЕСКА: Стави лајк на сопствениот живот

Спастри се стани наутро полна енергија измиј заби и лице исчешлај се нацрви ги образите усните накарминисај ги очите обој ги облечи се (како што ти личи на годините!) Живеј... заврши ги сите попатни работи заработувај не заборавај да се смееш разговарај со луѓето биди среќна терај го денот како што се очекува биди женствена размислувај како маж Живеј... пишувај како да ти е последно потсети се дека треба да дишеш вежбај за да си во форма зготви нешто, по ѓаволите зачисти по дома испазари за цела недела наполни бензин во колата наполни ги батериите во умот Живеј... не биди тажна со меланхолијата скарај се стави лајк на сопствениот живот игнорирај ја болката направи ги среќни сите околу тебе исправи се иако плеќите те болат закажи на фризер излези на воздух Живеј... дозволи си слабост погали се кога другите се груби не биди зајадлива трепкај како дама мудрувај како 80 да имаш потони во спомени ококори се на иднината спреми си облека за погреб Живеј... стави точка на завршените работи стави три точки на оние со кои не си на чисто стави прашалник на љубовта и извичник на смислата на животот отерај се’ во мајчината исплачи се во тишина пушти гласно музика изгушкај го детето Живеј... За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Песната „Стави Лајк“ е објавена во истоимената книга на поетесата. Книгата „Стави лајк“ може да ја побарате во книжарницата Матица