Ана Бунтеска: Ти и јас многу можевме

А можевме многу

Ех, цел еден Универзум да создадеме

А во него спокој и прашинки љубов

И голи под модро небо да спиеме

И по цела ноќ љубов да водиме

Ко никогаш дотогаш, ко првпат да ни е

Можевме многу

Ти и јас можевме од ништо, се’ да создадеме

Среќата сами да си ја зготвиме

Ко вешта домаќинка в кујна

Кога од храната волшепство токми

Па од око зачини тура, чиниш не знае што прави

За после прстите со сласт да ги лижиш

Ти и јас душо моја, многу можевме

Од ноќта, ден да стокмиме

Од немирот, во мир да заспиеме

И од сите молњи, фенери за да се најдеме

Можевме

Ете јас знам дека многу можевме

Ама убо рекле старите оти

На чоек можеш да му земиш, ама да му дајш не

И оти треба да е кадарен за да земи

За да знае како од твоето да се послужи

Оти жена ко жена се’ на тацна ќе спреми

И со себе ќе те почести како горко кафе со локум

За устата и душата да ти се заблажат

Ама пусто

Треба да знаеш како да се послужиш

Како од принесеното да земиш

Со внимание за чест да направиш

Со љубов за да не ти се измеша вкусот

Со усул за да не ја превртиш тацната

Ех

Пиле мое, душо моја убава

Ти и јас многу можевме

Ама ете, не ни било пишано

Оти за љубов сила треба

И храброст за да ја живееш

За љубов, со љубов треба да вратиш

Оти таква гола и сирова не ја бива

Без вкус и мирис останува

Нема лезет во неа

Ниту убост ќе остани

И зато сам по сам ќе дремиме

Секој со својата тацна пред себе

Дур кафето не истини

Дур локумот не се исуши и без блажина остани

Како душите наши потсушени и нагризани

И телата напола поболени

Можевме

Многу можевме

Ама ете, не бивало

Ниту ти со мене си

А ниту пак јас твоја сум

Оти на чоек можиш се’ да му земиш

Ама за да му дајш

Треба срцето да му сака

И раката пружена да му е

За себе

За тебе

За вас

А можевме Ти и јас пиле

Можевме, многу можевме

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска 

Фото: Стојан Стојановски