Ана Бунтеска: Ти одамна не живееш тука

Ти одамна не живееш тука

ниту пак на оваа адреса писма ти стасуваат

а и соседите веќе не те спомнуваат

дури ни онака

колку да се најдеме на муабет

дур стискам на копчето со број три во лифтот

ти

ти повеќе не си тука

или попрецизна да бидам

(за читателите)

едноставно не си тука

ни повеќе ниту помалку од некогаш

отселен

уште пред куферите да ги спакуваш

отселен

уште пред збогум да ми кажеш

отселен

уште пред и да се сретнеме

некаде

во некој друг дом во кој мојот мирис го нема

некаде

со некоја друга жена во чии очи не ме наоѓаш

некаде

каде што можеби поудобно и потопло ти е

отселен си

и ништо повеќе твое нема во мојава пештера

празно зјаат фиоките

а јас редовно правта од нив ја собирам

дур ги туткам моите работи во тесниот плакар

смешно

но како да чекам да се вратиш

како на пат да си

кој ете така ненадејно се одолжил

и не ги пополнувам ниту полиците

на кои твоите книги стоеја

а кутијата од твојата четка за заби

уредно си стои покрај умивалникот

отселен си

одамна куќава одекнува празно

исто како во градиве

кога врескам однатре

оти ми е страв дека ако гласот го пуштам

срцево ќе ми препукне

и еве го врвам и овој ден

со мисла во умот дека те нема

која упорно клука и клука

и повеќе како да не е болка

туку само досадно туп-туп

колку да потсети дека жива сум

и дека уште еден ден поминува

во кој твоето отсуство ме јаде

токму онолку колку што на друго место

присуството твое насмев нечиј буди

и дур ги прередувам празните фиоки

во кои уште гранчиња лаванда чувам

знам дека те нема

и дека отселен си

одамна

одамна

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Александар Колов