АНА БУНТЕСКА: Љубовта како стиропор низ прсти ја ситниме

Со гипсани тела 

и трепки од пајажина

ситни камчиња 

во устите 

во очните дупки јагленчиња 

суви гранки 

со сноп листови 

наместо раце, наместо прсти и 

тестести облаци 

врз главите 

 се перчиме 

со невистини 

со лажен сјај 

вештачки насмевки 

крила од пеперутки со олово 

напрашени 

силувани соништа 

клетви наместо мисли 

целофан во душите кој 

шкрипи во воздухот 

љубовта ја дробиме 

како стиропор 

низ прсти ја ситниме и

горди смешто живи сме 

како воскреснати 

лешеви по улици се препознаваме 

по чекорот 

оти тој никогаш не лаже 

тром е бавен 

и без смисол 

и полудуваме полека 

 неосетно се свестуваме 

кога сенките ни’ бегаат 

и векови такви сме како 

осудени 

проколнати 

и од рајот и од пеколот 

избркани 

протерани 

и осамени 

и еве повторно се среќаваме 

 тажно се погледнуваме 

со црните јагленчиња си намигнуваме

гранките во поздрав 

си ги преплетуваме а во хор 

душите ни’ крцкаат 

шкрипат и 

болат дур 

на пајажината 

во очите солзи ни’ светат 

бистри 

и чисти 

како срцата 

што ни’ беа 

како некогаш, 

како одамна 

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска