Ведран терапија

Едноставно кажано: Ведран е ведар. Носи очила со сина рамка и има прекрасна насмевка. Зборува кратко и јасно. Не се расплинува, како многумина возрасни кои забораваат што сакале да кажат. Ведран е ученик. Има план. Ќе го заврши досадното училиште. Нема да прави никакви проблеми, не сака татко му да се нервира. Има своја тактика за да успее да ја издржи досадата. Се дружи со мобилниот, скриен меѓу учебниците. Не би избрал мобилен кога би можел да бира. Би го избрал друштвото од маалските деца, наместо друштвото од приватното училиште. Бидејќи нема избор, избира да го протурка она што мора и да си го дозволи она во што ужива. Затоа учи, ама не премногу – учи доволно. Затоа, се дружи најмногу што може – се дружи секогаш кога може. Ведран е комуникативен. Умее да ги плени срцата на возрасните и да им се допадне на врсниците, на кои тој сака да им се допадне. Без проблем приоѓа и со насмевка разговара. Воопшто не се срами. Ако забележи дека постои можност за некакво недоразбирање, на време заобиколува. Не се објаснува и не докажува. Ведран има приоритети. Ќе го заврши школувањето и ќе оди во Швајцарија. Ќе студира, па ќе работи. И летоска работеше, ама, за малку пари. Кога ќе ги заврши студиите, ќе работи нешто интересно и добро платено. Ако не отиде во Швајцарија, ќе биде фотограф. Сака да фотографира и знае дека може да ги направи најубавите фотографии на овој свет. Ведран би сакал повеќе слобода. Да може подолго да останува надвор, да оди на Матка со другарите, да биде подолго на компјутер… Има некои свои начини да заработи привилегии и да ги порасне неговите родители, за да го видат пораснат. Кога не може да го постигне она што го посакува, не се грижи премногу. Вели дека ако не овој месец, сигурно другиот, ако не тогаш – некогаш. Знае дека ќе успее, не се замара. Ведран има најдобри другари. Одат во обични училишта, вообичаено досадни, како неговото. Им се восхитува затоа што не сакаат да бидат декор од некоја екскурзија во странство, за која нивните родители би платиле сума од ненормални евра, нормално, на рати. Со тие деца би одел во Дојран или Охрид, ама летоска, и ако го пуштат. Ведран е прекрасно паметно момче. Не знае дека е талентиран терапевт, како и секое дете, за кое возрасните имаат доволно време и доволно капацитет, внимателно да го слушаат и од него да учат. Наједноставно кажано: Неговите родители се обидуваат да пронајдат некои одговори поврзани со неговото растење. Тие имаат помош од оној на кој сакаат да му помогнат - помош од нивниот тинејџер Ведран. Она што ни изгледа најсложено во релациите меѓу децата и родителите, некогаш станува многу едноставно. Затоа ја сакам оваа Ведран терапија, во која сите учиме и од ученикот. Исплашените родители, предизвиците можат да ги совладаат со леснотија, ако успеат да направат промени менувајќи се, наместо тоа да го очекуваат од децата. За Женски Магазин, Елизабета Петровиќ, семеен и системски психотерапевт