ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов „Кажи нешто драга“ (Драган Мијалковски) https://www.youtube.com/watch?v=tcrQlLMBqzQ Напишана е во 1976 година. Авторот Ванчо Димитров во една прилика откри дека мелодијата ја работел два-три месеци, а потоа го замолил Ѓоко Георгиев да му напише текст. - Му напоменав дека желба ми е песната да ја пее Драган Мијалковски, кој во тоа време беше најголемата македонска ѕвезда во Југославија. Му ја пеев десетина пати, Ѓоко слушаше внимателно и одеднаш му излета сега веќе познатиот хит: „Кажи нешто драга, па макар и лага“. Другите стихови за песната беа релативно готови–откри композиторот. Мијалковски ја отпеал истата година на Скопскиот фестивал и победил убедливо според гласовите од публиката.