ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанеле македонските хитови?

  Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов „Свири ми брате цигане“ (Росана Сариќ Тодоровска) https://www.youtube.com/watch?v=mXMqJOHC_yg Откако нејзината сестра-близначка замина во Австралија, оваа тема ѝ беше отскочна штица на Росана Сариќ Тодоровска која во тој период сериозно размислувала дали да се повлече од сцената. Комплетен автор е Тоде Новачевски, поранешниот сопруг на Маријана, а ја напишал две недели пред да замине во Мелбурн. - Не случајно моите најуспешни песни се и најискрено искажување на моите лични чувства. Таква беше и „Свири ми брате Ферусе (Цигане)“ која ја напишав на салфетка во кафеаната „Теке“ на празникот Василица. Седев на маса заедно со сестрите, а пред нас свиреше Ферус–откри Новачевски во една прилика.