ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?

Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов „Туѓа си бескрајно“ (Ефто Пупиноски) https://www.youtube.com/watch?v=uWyiXYeQMnY Првпат е изведена на фестивалот „Камбера“ во Австралија во 1992 година, но стана хит дури по две децении. Денес не поминува кафеана без неа, а редовно се пее и по свадби и покрај пораката на рефренот која е несоодветна за таков чин. Автор на музиката е Пупиноски, а стиховите се дело на поетот и фотограф Мирослав Кузман кој во една прилика раскажа дека ги напишал за триесетина минути. Му се јавил Ефто и му побарал текст кој требало да биде готов истиот ден до полноќ бидејќи следното утро имал резервирано лет за Австралија. Призна дека таа вечер испил најмалку литро јако црвено вино за инспирација. - Во „Туѓа си бескрајно“ нема ништо меѓу редови. Сѐ е на виделина. Песната е љубовна до крај. Инспирација од детството и од момчештвото што би рекол Лав Толстој – изјави Кузман во едно интервју.