,

Вип доби признание за успешно спроведена општествено одговорна практика во 2017

Во огромна конкуренција на реномирани македонски компании, телекомуникацискиот оператор Вип доби признание за успешно спроведена општествено одговорна практика за 2017 година. Признанието е доделено во категоријата “Однос кон вработените”, за потпишаниот Колективен договор помеѓу членовите на раководниот тим на компанијата и Синдикалната организација на оне.Вип.

Потпишаниот Колективен договор ја потврдува определбата на компанијата да го почитува правото на слобода на здружување и колективно договарање како и за подобрување на односите помеѓу вработените и менаџментот. Овој документ претставува темел за понатамошните заложби на двете страни за унапредување на релациите меѓу вработените и менаџментот се со цел да се овозможи здрав дијалог во креирањето на здрава работна средина.

“Ова признание е уште една потврда дека Вип е компанија која ја негува корпоративната култура и континуирано работи на дијалогот помеѓу Синдикалната организација и менаџментот, со што ја потврдуваме и определбата за почитување на правото на здружување и колективно преговарање. Вип ќе продолжи да посветува внимание на правата на вработените, условите за работа и системите за унапредување и наградување и ќе работи на продлабочување на дијалогот со синдикалната организација”, изјави Мислав Галер, Извршен директор на оне.Вип.

Колективниот договор подетално ги уредува правата и обврските на работодавецот и вработените, отсуствата од работа, плата и додатоци, откажување на договорот за вработување, начинот и постапката за утврдување на бројот и структурата на вишокот на вработени како и критериуми за унапредување.

По спојувањето на телекомункациските оператори ОНЕ и Вип во ново друштво оне.Вип во 2015 година, Синдикалната организација на ОНЕ (СОО) се пререгистрира во Синдикална организација на оне.Вип (СООВ) и како таков субјект од областа на синдикалното здружување делува како претставник на работниците во сите три компании (ОНЕ, Вип и Blizoo) кои ја сочинуваат новата компанија оне.Вип.

Манифестацијата Национална награда за најдобри општествено одговорни практики е во организација на Министерството за економија на Република Македонија и Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, а се доделува десетта, јубилејна година по ред.