ВОЈНИЧЕ ЈУНАЧЕ

ВОЈНИЧЕ ЈУНАЧЕ Беше убав сончев ден, далечната ’96 година. Бев втора средно, прва смена. Не отидов бушава во школо. Се зачешлав. И не беше овој денот кога отидов по пижами во школо. Друг ден беше тоа. Овој ден беше…како да кажам…беше денот што за малку ќе докажев дека не сум девојче. Под за малку се подразбира-брзо сфатив дека сум девојче, кога пробав да мочам стоејќи од ќерамиди. Наместо да полевам рајска градина, јас го наполнив олукот, користејќи ги притоа ќерамидите како слапови. Плитвички езера се нула за мене и моево ремек дело во обид. Проклето его, машки хормони, луда глава и македонска администрација. И така тој ден, потскокнувајки како Црвенкапа кога одела кај баба си, стигнав дома. Одмонтирав ранец на сред ходник, без намера некој да се сопне, само да му попречи влез. Патики не соблакам ни под разно! Фиксирам поглед на телевизорот. А таму…плав коверт. - Ах прекрасно - восликнав и заплескав од среќа со рачињата, како фока пред публика. Конечно некое непознато другарче ми одговорило на писмата што ги праќав во второ одделение. Чекало другарчето да биднам втора средно, па да ми одговори, поради симболика некоја е тоа. Второ одделение-втора година. Сфаќаш? ДО СТИЛОТ Е! Јас само со силни луѓе се дружам. Знаат да ја изждригаат 4 годишни времиња во еден здив и да ги препознаеш годишните времиња. Е ако тоа не е стил, не знам што е! Откако мислев дека завршив со филмскиот момент-споро одење кон целта, го земав комунистичко плавиот коверт и како што се забрзуваше музиката од филмските виолини, напнатоста се зголемуваше… (МОРА ВАКА! Или вака успорено или реклами ќе мора да прераскажувам. Морам да пополнам термин. Би молела гледач да се јави на нашите добро познати телефони, па да имам фонија, па 15 минути да се мољакаме да утиши телевизор, па да ги поздрави сите фамилии од Зрзе, една по една, па да ја поздрави новата снаа на комшијата (не ја земаа дека е трудна) што родила внук, па да ја поздрави РАДОСТА (?!?!?)…ама ете не можам тоа да го направам. Немам спонзори. Барем ти утепав една минута во која можеше да ти биде досадно. Сполај ми, да сум жива и здрава). Значи: виолините веќе вриштеа кога го отворив ковертот. ШТО ДА ВИДАМ?!?! Не, не беше известување дека имам 7 годишен син, што сака да ме запознае, а татко му решил да го задржи и го одгледал сам, а не ми кажал сè до сега. Не беше тоа, ама блиску беше. ДОБИВ ПОКАНА ЗА ВОЈСКА! Уствари прво сакаа да ме евидентираат, па да ме регрутираат, па гарант сакаа да експериментираат со тоа колку најдалеку можам да мочам стоејќи и колку долго. Завладеа штамабидејќи и виолинистите се препаднаа од поканата за војска. Дома паника настана. Свиреа сирени за напад од воздух. Прво сакав да бидам телохранител, па да скокам со падобран, а сега ова. Требаше да ме шитнат за добри пари кога бев мала и слатка, сега никој не ме зема. Не е глуп народов. Што е следно? Изгледа навистина имам син, за кој таткото не ми кажал и го одгледува сам во друга држава. Добар ми е филмов. Само што ми се јавија од Шпанија, сакале да го екранизираат во 437 епизоди. 4 генерации виолинисти ќе ми изумрат за тие 437 епизоди и пола свет ќе издехидрира од плачење врз туѓата судбина. МИИИИИР-НО!!! Кој дужи калаш да врати, кој лазел низ грмушки со лице во ималин нашлакно, да се испере! Ако не, ќе рибате ВЦ со четка за заби. МРДАЈТЕ ГУШТЕРИ, за да не ви скратам отсуство и посети од девојките! Бромот во супата ви е гратис од мене и државата која ве љуби сите и се грижи за вас. Утре во 5 на знаме! ГАСИ СВЕТЛА!!! ОСТАВ!!! Понесен од целата ситуација, донорот на сперма ме здрви со рака по рамо и ми рече: -Браво ќерко! ТО Е МУЖ! Ќерка по мерка и син татин! 2 во 1!И после некој ќе ми рече дека сум била дома да ме немаш. ПФФФФФФФФФ…па не дужам тенк, мајко му стара. Заврши некако денот. Си легнав. Виолините тивко свиреа приспивна. За парите што не им ги давам добри се покажаа. Пробно работат. Ќе видам дали ќе ги вработам. Следното утро пак ме чекаше Корчагин. Замив заби бели бисери, зачешлав долги густи црни коси, замив бело лице и го напуштив татковото огниште со парно. Централно! По пат исфотокопирав поканата за војска, своерачно свечано се потпишав, со мастилно пенкало на секоја посебно и ги поделив на моите соученици. Да им ја обезбедам иднината. Кога ќе станам славна како Касандра, да ги продадат поканите за големи пари, да си ги обезбедат идните поколенија. Или барем до трето колено. За повеќе не гарантирам. ГОРДОСТ МАКЕДОНСКА СУМ НЕМА ШТО! За Женски Магазин, Огнените Ѕверови на Дамјана