(ГАЛЕРИЈА) СКОПСКИ МОДЕН ВИКЕНД: Од француска револуција до модерен сексапил

Со новата колекција „Подем на гревот“, дизајнерот Андреј Папаз, го отвори 16. издание на Моден викенд Скопје, вечерва во Скопје Мериот хотел.

Приказната за кралствата Содома и Гомора е инспирацијата за оваа колекција на младиот дизајнер, кој на ревијата прикажа 14 модели. Оваа библиска приказна, поврзана со блискиот исток, тој ја спакува во современа форма, во која преовладуваа провокативност и сексапил - уживање за гостите на Модниот викенд.

Втората ревија од првата вечер беше на брендот за накит „Сигма“. Парчињата накит со тонови на бело и розево злато се инспирирани од богатата традицијата, а наменети се за современата, елегантна жена. Во изработката, особено внимание е обрнато на сите вградени детали.

„Маршот на боговите“ - колекција есен зима 2017, ја нарече својата колекција дизајнерката Викторија Арсовска. Ревијата понуди 12 интересни модели, во кој доминираше црната боја, во комбинација со беж, црвена и темно зелена. Инспирација за оваа колекција е жената како пасивен граѓанин во времето на француската револуција и нејзината борба за права и еднаквост. Водејќи се сѐ од та приказна, Викторија Арсовска не врати во времето на корсетите, на нејзин, модерен начин.

За крај, беше оставена колекцијата „Арт деко“ на Атеље Коцарева. Ја отвори саксофонистот Горан Папаз со соло изведба. По него видовме богата ревија на свечени и елегантни тоалети. Специфични за овој дел од шоуто беа периките на манекенките, сите исти. Со нив наликуваа на кукли од излог.

Стартот на Моден викенд и годинава го посетија вистинските љубители на модата, но и оние кои дојдоа да видат и да бидат видени, дружејќи се со чаша вино во паузите помеѓу ревиите. Неизбежни беа селфи фотографиите и вклучувањата во живо на социјалните мрежи на оние од првите редови.

Утревечер на програмата се ревиите на студентите од Институтот за дизајн, Мина фешн од Косово, Сара Реџиќ, Марија Трајанова и Драма  студио на Ивана Кнез.

За Женски Магазин, Милица Џаровска

Фотографија Деница Чадиковска