, ,

Горан Митров – Сериозна модна инспирација 

Космополит и уште една модна икона на повидок на нашиот моден хоризонт која ќе го задржи вашето внимание, а ќе ве фасцинира со неговата беспрекорна појава и вистинска смисла за мода и стил. Живее на релација Струмица-Скопје, роден во Штип - градот на модата и текстилот, не е ни чудно што има стабилна основа кога станува збор за стил. Секоја комбинација е посебно одбрана, и речиси никогаш нема да налетате на погрешни машки чевли, лоша гардероба или лошо џебно марамче. Човек со изграден стил, бизнис дрес кодот, долгите мантили и капути, задолжителна добра машка кожена чанта во комбинација со matching агенда, уредна фризура и внимателно одбрани парчиња на модни додатоци се првичните впечатоци што тој ги остава со неговата појава. Неговиот Инстаграм профил веќе брои повеќе од 8,000 следбеници, додека официјалниот профил на L’OREAL Man, во својот пост го претстави пред светот како сериозна модна инспирација. Заедно со неговата поубава половина, сопругата Ани се одлично модно дуо чии модни комбинации и вкусови секогаш им се совпаѓаат. Ова е Горан Митров, бренд менаџер кој стои зад македонски бренд Елена Лука, инспирација и модна приказна сам за себе. Женски Магазин: Од кога Горан осознава дека има афинитети кон модата? Горан: Пред сѐ Ви благодарам на поканата, благодарам за убавата најава. Чест ми е што ете после долго време можеме да си помуабетиме. Од кога? Па мислам дека од секогаш знаев, уште како дете постојано правев комбинации различни од тоа што носеа моите врсници, скришно ги земав манжетните на дедо ми и ги носев на јаката на кошулата на пример, дури и сам преправав парчиња, ги носев на шнајдер, ми се чудеа што ми е . Парите што од дома ги добивав за џепарлак за на училиште ги чував, не јадев за да соберам за нешто во даден момент ми било желба да го имам, што знам ете сето тоа можеби придонесе за осетот за естетика што денес го имам. Женски Магазин: Доаѓаш од Штип, градот што живее и дише во духот на музиката но и модата. Голем број на светски брендови како и наши ги остваруваат своите модни идеи токму во Штип. Колку Вам, Штип Ви беше учител и показател во однос на модната сфера? Горан: Да, Штип, секогаш ќе бидам штипјанец нели , веќе десетина години не живеам таму ама секогаш со радост го посетувам. Колку Штип како град ми бил показател не знам, ама секако имало влијание, всушност во одредена мера има уште, секогаш кога за себе сакам кошула изработена по нарачка, тоа го правам токму таму. Не смее да се занемари фактот дека Штип е број еден во делот на текстилната индустрија. Ние и како народ очигледно сме со вроден осет за мода и стил, ете јас и ти сме пример за тоа  Женски Магазин: Стоите позади брендот Елена Лука. Колку Ви помогна искуството во Елена и секојдневната средба со клиенти, да распознаете што е всушност добар материјал, лош крој, размена на идеи, во дефинирањето на сопствениот стил? Горан: Тоа што станав дел од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА можеби е најубавото нешто што ми се случило од професионален аспект. Ми даде една целина, на некој начин го заокружи целото мое постоење и тоа што сум јас како личност. Имав среќа, ЕЛЕНА ЛУКА цврсто стои на врвот на модата во Македонија и како таква не само што го усоврши мојот стил и го истенчи мојот вкус, туку во голема мера го промени и начинот на кој јас го гледам луксузот во парчињата облека. Со самото тоа што секојдневно доаѓам во контакт со најквалитетни материјали и ткаенини дефинитивно научив што значи добар производ. Исто се однесува и на кројот и квалитетот на изработката, брендот во овој поглед за мене ги подигна стандардите на многу високо ниво. Секогаш кога ќе купам ново парче пресуден е моментот дали го има истиот квалитет како што го нудиме ние во нашата модна куќа. Женски Магазин: Која е вашата модна филозофија според која Вие се водите? Горан: Каква облека избираме секое утро, може да го смени начинот на кој се чувствуваме, начинот на кој размислуваме, дури и начинот на кој се отвара светот кон нас. Она што за мене е најинтересно во модата е тоа што го рефлектира индивидуалното време и постоење. Секој на свој начин треба да сведочи за сопствениот момент. Coco Chanel рекла: Модата не е нешто што постои само во облеката, модата е насекаде околу нас, на небо, на улица, модата е поврзана со начинот на размислување, со нашите идеи, модата е начинот на кој живееме. И потполно била во право. Женски Магазин: Деталите се всушност и главната модна карактеристика за вашиот стил. Колку Горан смета, дека тие се главниот finish за една модна комбинација?  Горан: Многу се важни да, деталите се всушност тие што не прават по различни од човекот што стои до нас. Сакам аксесоари и доста ги користам, особена пасија ми се вратоврски, една игла на реверот прави огромна разлика, копчиња за манжетни исто, часовник веќе е must have. Во последно време многу сакам прстени баш онака големи масивни, што знам веројатно тоа е период што ќе ми помине. Во принцип се сакам да биде умерено и со вкус искомбинирано. Женски Магазин: Голем фан сте и на персонализираните кошули, иницијали со ваше име, но имате и уште една работа која добро Ве опишува. Добар парфем. Колку се сложувате дека и добриот избор на парфем има голема улога во стилот кај еден човек? Горан: Да, веќе спомнав дека често носам кошули по нарачка, сакам персонализирани парчиња, ги чувствувам посебно, така се мои и стануваат дел од мене. Парфемот е најважен, тоа е како потпис, индивидуален избор. Секогаш треба да биде соодветен на сезоната како и на пригодата на која сте присутни. Парфемот всушност е одраз на личноста, се памети многу по долго од што било друго, се поврзува со чувства. И нормално е заокружување на секоја модна комбинација. Женски Магазин: Социјалните мрежи се преплавени со модни икони од различни краеви на светот. Дали можеби Вие имате топ 3, Инстаграм икони или јавни личности чиј стил го почитувате?  Горан: Во едно претходно вакво интервју исто имав вакво прашање и тогаш набројав 3 Инстаграм профили вон нашите граници што посебно ги ценам и тоа сѐ уште е така, во овој момент би сакал да се сконцентрирам на македонската јавна сцена, не знам дали ќе се сетам на тројца ама двајца веднаш ми излегуваат пред очи. Лила Стојановска, пред кратко време читав и некој друг ја спомна, ама Лила е жена што јас службено често ја среќавам. Секогаш во префинета комбинација за која и пригода да станува збор, секогаш соодветно облечена и стилизирана. Бојан Јовановски – Боки 13 е човек на кој му симнувам капа на стилот и храброста за комбинирање, знае човекот што прави и како да го износи сето тоа. Се трудам да се сетам на уште некој, ама ете не ми паѓа на памет. Искрено, сметам дека кај нас на улица меѓу обичните може да се сретне по добро облечени луѓе од тие што да речам ги сметаме за јавни личности. Женски Магазин: Каде најчесто грешат мажите па и жените во комбинирањето на одредени парчиња гардероба? Горан: Можам да кажам од мој аспект што мене најмногу ми пречи, инаку не мора да значи, сето тоа е индивидуално. Ми пречи лошо искомбинирани материјали, некако сите повеќе обрнуваат внимание на комбинација на бои ама не и на други моменти. Ми пречат сјајни хулахопки, спортски чорапи на не спортски комбинации. Ми пречи кога вратоврската не е со соодветна ширина според реверот на костумот и еден мал милион вакви ситници. Длабока тема е ова  Женски Магазин: Модна престолнина која би сакале да ја посетите, а сеуште сте немале можност?  Горан: Милано во период на fashion week. Женски Магазин: Која е дефиницијата за личен стил според Вас Горан:  За разлика од модата, стилот е ваш единствен и индивидуален вкус во однос на облеката. Стилот е всушност јазикот што го избирате за вашата облека да го зборува, вашиот стилски јазик. Така комуницирате со остатокот од светот преку она што го носите. Дадете сѐ од себе. За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion