Дане Тодоровски: Најголем предизвик за 2018 е отворање на Сара Фешн во регионот

2018 година е година со високи цели и аспирации. Како и досега, ние ќе продолжиме да работиме кон зголемување и оптимизација на производното потфолио кое е атрактивно и достапно за нашите потрошувачи. Дигитализацијата на услугите и воведувањето на нови технолошки решенија за оперативна ефикасност ќе продолжат со зголемен интензитет. Но најголемиот предизвик за оваа година ќе биде воведувањето на Сара Фешн на други регионални пазари и тоа најмногу преку сопствен систем на франшизирање-вели Дане Тодоровски, менаџер за малопродажба во Сара Фешн  Годината ја започнувате со голема акција насловена како Тотална Чистка. Што можат вашите потрошувачи да очекуваат?   Дане Тодоровски: Како што и самото име кажува, Тотална Чистка е акција која има за цел да го направи уште подостапен поголем дел од асортиманот во Сара Фешн. Во периодот од 15 јануари до 5 февруари, нашите купувачи ќе може да очекуваат големи попусти на веќе добро познатата колекција на долна облека и пижами, класичните и дезенирани модели на Пенти хулахопките, како и огромен избор на женски, детски и машки чорапи по атрактивни цени. Обидувајќи се да ги следиме светските трендови во малопродажбата, Тотална Чистка претставува прва голема кампања од овој вид во нашето постоење. Истовремено, таа ги најавува и нашите нови колекции, кои ќе се појават веднаш по нејзиното завршување. Како е да се предводи целиот малопродажен тим на Сара Фешн, особено ако се знае дека работите во динамична индустрија каде секојдневно се соочувате со најразлични предизвици? Дане Тодоровски: Претставува голема одговорност секојдневно да се раководи со целиот ланец на продажни места на Сара Фешн. Потребите на потрошувачите, бројот на продажни места, широката асортиманска понуда, како и големината на тимот се фактори кои допринесуваат кон брзата динамика на работењето. Мојата основна задача е да градам средина која овозможува широк степен на флексибилност и соработка на луѓе од различни професионални полиња и вештини. Неочекуваните предизвици најефикасно се решаваат доколку постојат јасно поставени цели и секој има самодоверба во своите вештини и капацитети за остварување на истите. Затоа најголем дел од мојот ден е исполнет со прибирање на информации преку набљудување и комуникација, како и делегирање и менторство врз основа на затегатата состојба. Сведоци сме на континуираниот раст и развој на ланецот на продажни места Сара Фешн. Кој е клучот за успешна малопродажба во Република Македонија? Дане Тодоровски: Успехот е директно поврзан со два клучни фактори – понуда на производи кои се во склад со барањата на нашите потрошувачи и компетентен тим кој е подготвен за остварување на потребните цели. Денес нашите потрошувачи се постојано во тек со најголемите светски трендови - желбите и потребите се менуваат многу брзо. Ние сме бренд кој го препознава ова и е секогаш спремен да одговори на истите. Од друга страна, нашиот успех не би бил остварлив без тим кој е подготвен да одговори на сите промени. Навистина е тенка линијата помеѓу градење на слобода и кретивност на тимот и одржување на стандардите кои не прават посакувани кај потрошувачите. Во рамките на централниот објект на Сара Фешн се наоѓа и целосно опремен тренинг центар кој е подготвен да одговори на сите образовни потреби на нашиот тим. За развојот на тимот допринесува и развојот на професионална средина која поттикнува делегирање и менторирање. Освен во Македонија, имате свои продажни места и во Србија. Можете ли да направите споредба на пазарите во двете земји? Дане Тодоровски: Србија е земја од стратешко значење за развојот на брендот Сара Фешн. На прв поглед двата пазари се многу слични во однос на сегментацијата на потрошувачите помеѓу главниот град и остатокот од државата. Понатаму, потрошувачите во двете земји имаат навистина високи очекувања за квалитетот на производите и услугата. Во нашата индустрија може да се забележи поголема моќ на купување кај српските потрошувачи споредено со македонските. Но, клучната разлика помеѓу Република Македонија и Србија е големината на потенцијалниот пазар. Тоа подразбира далеку поголема конкуренција, како од домашни така и од странски продажни ланци. Големината на српскиот пазар допринесува до менување на потребите на купувачите на различни територии. Затоа е потребно будно следење на продажните трендови за секој регион и создавање на индивидуални стратегии за развој. Кои ви се предизвиците како менаџер за малопродажба на Сара Фешн за оваа 2018 година? Дане Тодоровски: 2018 година е година со високи цели и аспирации. Како и досега, ние ќе продолжиме да работиме кон зголемување и оптимизација на производното потфолио кое е атрактивно и достапно за нашите потрошувачи. Дигитализацијата на услугите и воведувањето на нови технолошки решенија за оперативна ефикасност ќе продолжат со зголемен интензитет. Но најголемиот предизвик за оваа година ќе биде воведувањето на Сара Фешн на други регионални пазари и тоа најмногу преку сопствен систем на франшизирање.