Дарја Ризова најдобра млада актерка на МЕСС

Во Сараево  на 8 Октомври, на затворањето на фестивалот, беа доделени наградите на 57-то издание на МЕСС. Меѓу добитниците на лауреатите е и актерката Дарја Ризова, која ја доби наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“, а во режија на Андриј Жолдак. „Да се реализира една особено сложена улога во рамките на режисерските барања, како и начинот на кој тоа е остварено, не увери во нејзината голема зрелост, иако е во прашање млада актерка. Актерката имаше многу голема енергија и присутност на сцената, и доста долг период беше постојано присутна пред публиката. Во еден релативно монохроматски режисерски регистер, токму нејзината улога донесе многу суптилност, боја и нијанси. Поради тоа тоа наградата за најдобра млада актерка се доделува на Дарја Ризова “ - ова  едногласниот став и оценка на жири комисијата, пренесен преку хрватскиот театролог, Дарко Лукиќ инаку претседател на жирито. Во конкуренција за наградите беа веќе докажани продукции од 12 земји. Беа доделени 4 (четири) награди: Гран – при „Златен ловоров венец“ за најдобра претстава во целина: „Пет лесни парчиња“, од Белгија, Швајцарија; „Златен ловоров венец“ за најдобар режисер: Мило Рау, за претставата „Пет лесни парчиња“; „Златен ловоров венец“ за најдобро актерско остварување на Силвија Калдерони, за улогата во претставата „MDLSX“, и наградата „Рејхан Демирџиќ“ за најдобра млада актерка за главната улогата во претставата „Електра“. Жирито додели и 2 (две) специјални награди за претставите: „Ноќен живот“ на авторот Паоло Маџели и „Еден гест“ на полскиот режисер Војтек Зимилски. Беа доделени уште и наградите на малиот МЕСС од гласовите на децата – за претставата „Мала наука за животните“ и оние на Дирекцијата на МЕСС: наградата „Марко Ковачевиќ“ за театарска критика, публицистика и театрологија на Дарко Лукиќ и наградата за придонес на инклузивниот театар „ПокоЛоко“ од Загреб. Следната изведба на „ЕЛЕКТРА“ е на 26 октомври/четврток со почеток во 20 часот. Покрај тоа што за оваа изведба влезот за студентите е слободен, дирекцијата на МНТ одлучи во чест на наградата да им овозможи на сите гледачи слободен влез. Публиката билетите може да ги подигне на билетарницата на МНТ, на денот на претставата од 14:00 до 19:00.