Да ти пукне…филмот

Филмот кој го живеете нека стане филм кој ви е веќе изгледан и чиј тек го знаете! Сменете нешто во себе и за себе. Дозволете си да се смеете на животот и да го дишете со полни гради. И бидете чесни! Кон себе и кон сите околу.

Каде ја утнуваме работата? 
Зошто стануваме она што во младоста (во бунтовната фаза) го презираме? И од каде сето ова ми падна на ум, во едно навидум релаксирано саботно попладне! Ќе морам отпочеток.
 Не сум ич спортски тип, а особено па не сум зимско-спортски тип. Немам еуфорија да скијам, не се притресувам на белината на снегот и скијачките патеки, а уште помалку на санкањето. Обично зимите ги отседувам во Скопје, земам денови од одмор и со ќерка ми правиме она што ни се сака. 
Но, оваа година (детето веќе пораснато, па не ми поминува кај неа моментот на “ај бе, ќе си седиме дома”) завршивме во Сандански на 7 дена. Фино, нема снегови до колена (ко за мене), но затоа има базени полни вакви и онакви термални води (ко за двете). Дете среќно, мајка среќна што е дете среќно, а башка што и ми прија да стоплам коски (веројатно ова со годините си доаѓа). 
 И како за ќутлив примерок, додека ќерка ми плива или се допишува со BFF (треба да се измисли тинејџерски речник) јас гледам околу. Нормално, има наши...има и нивни (иако велат дека сите сме наши), има гости од Грција, Србија, Албанија. 
Како и да е, не’ има од Балканов. И нема да правам досадни компарации, ниту да кажувам какви сме ние по хотели, а какви тие (кои и да се), туку компарацијата ќе е од гледна точка на “големи” и “мали”. Родители и деца. Оптеретени и растеретени. 
 Со годините стануваме поголеми во телата, се издолжуваме, зголемуваме тежина, ни растат ушите, носовите...ама пусто, како душите да ни се стеснуваат! Поголем дел од времето го минуваме во критика, користиме се’ почесто зборови со кои изразуваме некакво незадоволство, се свлечкуваме во енергиите. Викаме по децата да бидат мирни како бубачки (побогу, па не раѓавме бубачки!), да не растураат, да не трчаат...да не...и така до недоглед! 
 Станавме опседнати со работа, со заработувачка, со сопствените нереализирани желби и амбиции. Она што немаме храброст ни сила да го кажеме на колегите и шефот (кога сме нервозни) го истураме на оние кои најмногу ни значат. Оние за кои велиме дека ни го осмислуваат животот и ни го прават поубав.
Не се бориме за себе, за сопствената среќа, туку се бориме да оставиме впечаток, да ни биде дома спастрено, да не “брануваме” во промашени врски, пријателства, бракови. Станавме она што го мразевме! Барем јас се имам себе уловено како постапувам спротивно од она што навистина го сакам...и се посрамотив сама од себе.
 Се посрамотив како пример кој го давам на сопственото дете! Оти децата не слушаат, децата впиваат постапки. Каде утнавме? Сакаме да оставиме впечаток?! Пред кого? 
Пред неважни особи кои нема да ни го паметат ни суратот на првата кривина? Пред роднините кои ги гледаме по свадби и слави? Пред оние кои ниту сметките ни ги плаќаат, ниту знаат кога сме сами и несреќни?
Сакам да израснам бунтовно, а не адаптирано дете. И да правиме разлика! Не невоспитано дете и такво што нема да има респект, туку дете кое ќе знае што сака, а ќе го постигне тоа на чесен начин. А бидејќи децата ни ги гледаат постапките, а не она што го повторуваме како папагали, решив да ми пукне....филмот!
 Да се биде чесен кон себе е веројатно најтешката одлука која може човек да ја донесе. Одлука која бара премногу откажување (од формалности и малограѓанштина), а носи осуда и погледи полни презир (токму од истата формалност и малограѓанштина). И ич да не ви е гајле кој какво мислење ќе има за вашите одлуки и постапки.
 Впрочем, мислењето на другите е нешто што може само да ве оптерети. Имате проблем со шефот? Влезете во канцеларија и кажете си што ве мачи (и имајте на ум дека никој не смее да ве малтретира). Имате лоша врска или лош брак? Што чекате? Да се подмладите или со волшебно стапче се’ да се смени преку ноќ! Нека ви пукне!
 Филмот кој го живеете нека стане филм кој ви е веќе изгледан и чиј тек го знаете! Сменете нешто во себе и за себе. Дозволете си да се смеете на животот и да го дишете со полни гради. И бидете чесни! Кон себе и кон сите околу.
Бидете чесни кон љубовта и кон сопствената суета. Признајте си ги и едното и другото. Вложете во првото, на сметка на второто. Учам и јас. Учам и во овој момент додека ви се обраќам. Се преслушувам, малку се камшикувам (за одредени постапки за кои и не сум горда на себе)...па после се негувам и растам. 
 За почеток, ќе си дозволам да ми пука филмот и да кажам СТОП. Па како и секоја жена, која прави драстични резови во животот, ќе сменам боја на коса и фризура :)
 До следниот понеделнички муабет, За Женски Магазин, Ана Бунтеска