,

Децата на 11 години најтешко го поднесуваат разводот

Колку е постаро детето, траумата поради разводот ќе биде поголема * Децата, сепак со влегување во пубертет полесно ги сфаќаат родителските причини за разделба-Детето помалку страда до втората, трета година, но и тие ќе забележат дека нешто се случува. Многу двојки остануваат во лош брак поради децата или чекаат тие да пораснат за да се разделат, но експертите велат дека, колку постаро е детето, траумата ќе биде поголема. „Детето секогаш ќе страда, но за тој проблем ќе биде најмалку свесно до третата година“, вели детскиот психолог Скот Керол. „Колку е детето постаро, толку е ситуацијата подраматична, особено околу 11-тата година, затоа што дотогаш детето веќе проживеало деценија со двајцата родители, а сега сфаќа дека нивната заедница се урива. Повеќето психолози и психотерапевти се сложуваат со оваа теорија, иако велат дека не стои строго правило. „Сѐ е индивидуално затоа што секој период носи ризик и ниту еден не е вистинскиот за развод. Тоа е како кога некој би ве прашал: „Кога би сакале да ву умрат родителите?“. Одговорот е: „Никогаш“. Но тоа ќе се случи. Вистина е дека е полесно кога е детето мало па не морате ништо да му објаснувате. А можеби е најтешко во пубертетот. Затоа што адолесцентите градат сопствен идентитет и се многу чувствителни за сѐ што ги потресува. А одлуката мама и тато да го продолжат животот на две адреси е огромна промена. Детската реакција зависи, пред сѐ, од тоа дали е разводот на нивните родители функционален или дисфункционален. Периодот за адаптација на децата на разводите трае околу година ипол, а стручњаците велат дека е важно дотогаш да им се зачува рутината. Разводот е само по себе стрес, а менувањето на средината, на училиштето или градинката само долева дополнително масло на огнот. Децата имаат страв од неизвесност, кој може да го ублажи рутината. И натаму нека одат на спиење во исто време, нека се вратат што поскоро на „нормалниот“ ритам затоа што тоа ќе им помогне да се навикнат на новите, сменети семејни околности. Доколку се разделат на цивилизиран начин и соработуваат околу воспитувањето на децата, редовно ги гледаат, им покажуваат љубов и нежност и не ги користат како средство за манипулација, децата релативно мирно ќе ја поднесат таа промена. Но ако разводот значи екстензија на страдањето, па сопружниците и натаму се караат, се навредуваат и се повредуваат, тоа значи уште поголема траума за децата. Затоа, водете сметка детето да не ви биде ниту оружје, ниту орудие, туку некој за кого нежно и искрено ќе се грижите како да сте во хармоничен брак со неговата мајка/татко. И внимателно соопштете му ја одлуката за разводот. Детето мора да знае дека не учествувало во носењето на одлуката, дека не е виновно и дека не треба да има грижа на совест. Многу деца мислат дека родителите не би им се развеле ако тие биле подобри, ако помалку плачеле, или правеле проблеми. Мора да ги разуверите во ова и да им го отстраните ова чувство на вина. Изнесете им ги тогаш и предностите на новите околности, па објаснете им дека сега мама и тато помалку ќе се караат, дека тие отсега ќе имаат два дома, односно две свои соби, дека ќе одат на одмор по два пати, а можеби и родендените ќе ги прославуваат по два пати и на две места.