Децата се во право, дури и кога грешат

Додека не станеме мајки, секогаш мислиме дека ја знаеме тајната формула за совршено одгледување деца. Деца кои никогаш нема да плачат, ќе јадат сѐ што ќе им понудиш, ќе си ги средуваат играчките, ќе спијат спокојно додека мама и тато гледаат филм. Упорно се убедувате себеси дека нема да ги правите грешките ,кои ги практикувале вашите родители. Но, сите овие идеални моменти се распрснуваат кога навистина ќе го почувствувате вкусот на мајчинството. Идеално мајчинство не постои. Можеби затоа што и животот не идеален, онака како филм кој си го замислуваме однапред и знаеме како ќе се развива. Факт е дека мајчинството е најубавото чувство. Не би го менувала со ништо. Мајките денес се воспитувачки, психолози, советнички, но знаат да бидат и ненанаспани, уморни, понекогаш раздразнети, субјективни, не е исклучено ни да бидат депресивни, да очајуваат и да викаат гласно. Мајчинството е улога која во себе обединува многу љубов, но и предизвици. Секоја мајка сака нејзиното дете да биде сакано, среќно и да расте без грижи. Но, тоа не е секогаш лесно да се постигне. Секој од нас може да се разбуди со чудно расположение, главоболка, хаос по дома, играчки кои ве забодуваат во стапалото додека се движите, подготовки на појадок, ручек, вечера, ужинки, распоред со набиена агенда… Сакаме да бидеме најдобриот пример за своите деца, затоа што знаеме дека од примерот најдобро се учи. Но, може ли секогаш да биде баш така? Не, не може да бидеме секогаш совршени мајки. Искрено, секоја од нас, па и јас сама, настојувам да дадам сѐ од себе. Но, тоа не значи дека не сум потфрлила во моите настојувања да ги насочам децата на вистинската патека. На оваа патека има многу препреки. И покрај добро извежбаната рутина, и јас како и сите мајки сум само човек, кој не може секогаш да биде најдобар во најубавата животна дисциплина. Она што сепак го научив и се трудам да го практикувам е следново, прифаќам дека грешам, доаѓам до моите деца, седнувам до нив и се извинувам. Сакам да ги научам дека луѓето може да згрешат и дека во тоа нема ништо страшно. Затоа треба да признаат и да побараат прошка. Сепак, чувствата на крајот се најважни, а јас како мајка не сакам нивните чувства да се повредени. Научив дека не мора да спроведувам идеални методи за мајчинство. Наместо тоа љубовта, секогаш е мојот мотив. Па дури и кога грешам. Јас не сум совршена мајка. Јас сум мајка која сака среќни деца. За Женски Магазин, Вики Чадиковска