Дечињата од Сопот ви праќаат топла прегратка: На Божик ги израдувавме со подароците од хуманата акција

Со насмевки на лицето и топли прегратки на дечињата од село Сопот им ги предадовме подароците кои заедно со вас, нашите верни читатели и хумани граѓани им го разубавивме Божик. Таа радост која ја видовме во нивните искрени очиња кога им ги однесовме подароците не се опишува лесно. Од се срце тие им се заблагодарија на сите кои донираа пакетчиња и разни подароци во хуманата кампања „12 елки – 12 медиумски приказни“ и барем за миг избегаа од суровата реалност и сиромаштија во која живеат. Двете момчиња и нивната сестричка за возврат ни ветија дека ќе бидат умни а ние им го посакуваме сето добро на овој свет. Женски магазин им се заблагодарува на сите хумани граѓани и нашите читатели кои уште еднаш ја споделија хуманоста на дело. Ваквите дела се нешто најубаво, посебно кога се заокружат на големи празници како денешниот. Во Новогодишната хумана акција „12 елки – 12 медиумски приказни“ која започна на 18 декември во Сити мол а успешно е заокружена во петок се вклучија 12 познати македонски медиуми со цел да помогнат на 12 социјално загрозени семејства со повеќе деца. Во акцијата беа донирани од граѓаните повеќе од 330 подароци. Секој медиум имаше своја елка под која граѓаните можеа да донираат подароци за овие семејства. Покрај новогодишни подароци беше донирана и неопходна облека, лекови, хранливи продукти за децата, а некои одеа и дотаму што донираа и покуќнина за домовите. Во хуманата кампања беа вклучени од национални телевизии, преку веб портали до радио станици, како Телевизиите: Тв Телма и Тв21, порталите: Сакам да кажам, МКД, Женски магазин, Фактор, Риборн, Мак Мода, Оффнет, А1он, Емагазин и Сити радио. Секој медиум одбра социјално загрозено семејство со повеќе дечиња се со цел им ги дообојат овие празнични денови. Уште еднаш благодарност до сите оние кои покажаа огромна хуманост и човечност и без чија поддршка  оваа акција немаше да има ваква успешна завршница.