ДОСИЕ СУБВЕНЦИИ: Гитаристот на „Ристо Бомбата“ штанцал детски песни

Борче Шабаноски, член на прилепскиот рок-состав „Бен Хур“ и гитарист на популарната група од деведесеттите „Ристо Бомбата и кучешка тенија“ е повеќекратен добитник на субвенции во категоријата „Детски композиции“. Првите пари на Шабаноски му биле одобрени на последниот квартален конкурс за 2014 година во категоријата „Истакнат изведувач“ како автор на нумерата „Ова е време за нас“ која ја снимил со матичниот бенд „Бен Хур“. Насловот на песната звучи симболично ако се земе в предвид дека познатиот музичар навистина ги дочекал своите пет минути. На истиот конкурс му биле одобрени дополнителни 800 евра за песничките „Сонот мој“ и „Пролетна песна“. Подоцна, Шабаноски во креативниот процес ја вклучил и сопругата Татјана Шабаноска која е потпишана како коавтор или изведувач на дел од рефрените финансирани со пари од граѓаните. На единствениот реализиран конкурс за 2016 година на брачната двојка ѝ се одобрени 1.200 евра за детските композиции „Мојата мајка“, „Другарка“ и „Сестричка“. На овие три песни музичарот го имал завршниот збор и е потпишан како аранжер, а музиката и стиховите се дело на неговата сопруга. За Шабаноски убаво почнала и 2017 година. На првиот квартален конкурс им се одобрени нови 1.200 евра за три детски нумери. Татјана е наведена како изведувач и текстописец на песничките „Морнар стар“, „Страшна двојка“ и „Во вселената“, а Борче е автор на музиката и на аранжманот. И на следниот конкурс (втор квартален за 2017 година) биле одобрени средства за гитаристот на „Бен Хур“ за уште три детски рефрени. Тој е потпишан како автор на музиката и аранжманот на делата „Маги“, „Али баба“ и „Што и да бидам“, овојпат во изведба на Елизабета Пеливаноска-Тасламическа која ги напишала стиховите. На уште една брачна двојка специјалност им била детската композиција. Станува збор за Александар Мицковски, автор и водител на ТВ-емисијата „Магична сцена“ и неговата сопруга Ангелина Мицковска. На сопружниците им биле одобрени 2.800 евра откако комисијата позитивно ги рангирала нивните песнички „Јајциња црвени“, „Кажи лажи“, „Сите на снег“, „Пролет е“, „Архитект“, „Бонџорно сињорина“ и „Напред наши“. Поголемиот дел од средствата најверојатно нема да им бидат исплатени бидејќи нивните имиња доминираат на ланските конкурси, а пред два дена Министерството за култура и Македонската радиотелевизија донесоа заедничка одлука за поништување токму на конкурсите од вториот и третиот квартал за 2017 година.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов