ЕКСКЛУЗИВНО ИНТИМНО ИНТЕРВЈУ СО ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ: Ја загубив сопругата и ми остави дупка во душата

Изминатиов период ми беше многу тежок. Пред една ипол година син ми доживеа сообраќајна несреќа и се повреди многу страшно. За жал, пред три месеци почина мојата сакана, драга сопруга со која што поминав триесет и пет години. Тоа е една огромна загуба за мене, една огромна дупка во мојата душа и се обидувам преку музиката да се спасам. Се обидувам свирејќи да го изразам сето она што се случува во мене, и за момент да најдам утеха, иако тоа е многу тешко. Сега се грижам за моите деца, ги решавам нивните проблеми, а кога ќе дојде ред и на мене, ќе решам и некои од моите проблеми. На 17 март, гитарската легенда Влатко Стефановски ќе одржи концерт во Македонската филхармонија. Влатко концертно ќе го промовира новиот албум „Мајчин јазик“, кој лани за регионот го издаде „Кроација рекордс“ од Загреб. За специјални гости се најавени етно-составот „Љубојна“ и српската етно-дива Биља Крстиќ, а концертот го организира „Баги комуникации“. На вчерашната прес-конференција во Скопје, Стефановски го имаше најдоброто засилување. Дојде со синот Јан и со ќерката Ана. Со љубов и со страст разговараше за својот нов албум и за концертот, трудејќи се присутните да не ја почувствуваат празнината во неговата душа. Пред три месеци, по долго боледување, почина сопругата на Влатко, Гордана, со која го делеше животот цели 35 години. Влатко и неговото семејство се потрудија својата тага да ја сочуваат од домашната и од регионалната јавност. Гитарскиот виртуоз, меѓу многуте музички и животни теми, само за „Женски Магазин“ се согласи да прозбори за тешкиот семеен период: прво сообраќајката на синот, па загубата на сопругата.  Сретнав една калуѓерка и ѝ се пожалив дека поминуваме низ многу тежок период. А таа ми кажа една реченица која е многу моќна: Господ не ни дава повеќе товар отколку што можеме да поднесеме.- Влатко со сопругата Гордана која почина пред три месеци.

Женски магазин- Од каде идејата вашиот нов албум, „Мајчин јазик“ концертно да се промовира токму во Македонската филхармонија? Влатко- Неодамна влегов во салата и бев фасциниран како е направена. Од сите нови градби што се направија во Скопје, ова е дефинитивно најдоброто нешто и најмногу држи вода. Се фасцинирав од дрвената просторија. Целата е обложена во дрво, не можеш да видиш бетонски столб таму, што е една луксузна варијанта. Ме потсети веднаш на Музикфераин во Виена, ме потсети на Барбикан центарот во Лондон, на Гевантдхаус во Лајпциг, ме потсети на најдобрите концертни сали во кои што сум настапувал. И решив дека ако некаде треба да го промовиран овој мој албум „Мајчин јазик“, тоа треба да биде во таа сала, во македонската филхармонија. 

Женски Магазин- „Мајчин јазик“ е прв соло акустичен албум во вашата кариера. Како се решивте за еден ваков интимен материјал, и како се бирани песните? Влатко- По толку години свирење и патувања, си дадов за право да направам еден интимен албум кој ќе се обраќа директно на увце на мојата публика. Како да си ме замолила да ти отсвирам нешто лично за тебе. Песните ги бирам по принцип: оние теми кои ми се драги и оние кои ми даваат можност за импровизација. А при тоа, и оние теми кои можам самиот да ги изведам, а да не фали музика. „Бистра вода“, како една од најбрилијантните парчиња од опусот на „Леб и сол“, некои нумери кои Есма ги пеела како „Зошто си ме мајко родила“, една брилијантна нумера. Потоа „Јано мори“, па дури и „Димитријо сине Митре“, која не е македонска туку е тој, јужно-српски мелос. Некои песни кои ми се на срцето драги. Тие ги одбрав и ги отсвирев во 3-4 дена во моето студио, знаејќи дека сум доволно музички возбуден за да ги снимам. Бев доволно испровоциран од се што ми се случуваше. И на приватен план, и од сите мои концерти и патувања и искуства што сум ги собрал, и решив дека сум доволно храбар да седнам и да свирам сам, пред само еден микрофон. 

Женски Магазин- На обвивката на албумот е стара фотографија од вашата мајка Нада, како таа се вклопи во приказната на „Мајчин јазик“? Влатко- Сакам да копам по стари фотографии од моите родители. Копајќи така, ја најдов оваа фотографија од мајка ми од 1946 година со гитара во рака. И си реков дека е одлична симболика, таа мора да биде на обвивката на албумот „Мајчин јазик“. Тоа е слика од претставата „Живи лешови“ од Толстој, во која мајка ми ја играше Маша, патувачка циганка во која се вљубува некој гроф. Приказната феноменално се врзува и со албумот, и со мојот патувачки живот, за кој некогаш велам дека е номадски. 

Женски Магазин- Како вашите деца, Ана и Јан го оценија албумот, и воопшто какви критики слушавте од народот и од музичарите? Влатко- Ана и Јан се воодушевени. Јас многу кратко го снимав албумот во моето домашно студио, и тие не ни забележаа што работам. За „дивно чудо“, супер поминува и кај критика и кај публика. Неодамна бев во „Кроација рекордс“, во Загреб. Имаат таму истакнато топ-листа од 40 нивни албуми според број на продажба. Јас сум на 11. место според продажба што е одлично, затоа што мојот албум е инструментален и јас не сум хитмејкер, да правам хитови по секоја цена. Албумот е на листата заедно со новите изданија на Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Јосипа Лисац. Имам своја верна публика која ме следи со години, и ако добијам некој нов обожавател е добро. Но, тоа не е толку важно, важно е да не загубам некој стар обожавател. А убави коментари во порака и во мејл добивам постојано од секаде. Замислете, мојот најверен обожавател е од Норвешка, и тој ќе дојде сега на 17 март, на концертот во Скопје. Децата ме убедија дека треба да имам Инстаграм.- Влатко со ќерката Ана и синот Јан објави слика од одмор во Маврово

Женски Магазин- Минатата година добивте две важни одликувања, државната награда „11 Октомври“ и признанието за почесен докторат на Универзитетот ФОН. Што мислите, требаше ли порано да се случат? Влатко- Не, можам така да кажам. Знаеш што, подобро некогаш отколку никогаш. Благодарен сум и на државата Македонија што се сети да ми даде едно такво големо признание како наградата „11 Октомври“. Сепак, најдраги се наградите од дома. Знаејќи дека никој не е пророк во своето село, знаејќи дека постојано сум на пат и свирам за некои други публики, знаејќи дека не ми се допаѓаат многу состојби и во музиката, и во естрадата, и во политиката, и во се и се што, многу ми е значајно што Македонија се сети дека нешто значајно сум работел. Со други зборови, не знам како тоа сум го заслужил? При тоа, како што повеќе влегувам во години, станувам се помалку амбициозен. Не одам на присутност во медиумите по секоја цена, не сум обожавател на социјални мрежи. Од неодамна сум на Инстаграм, затоа што децата ме убедија дека е тоа е нешто многу значајно, па ги послушав. И затоа што сум обожавател на фотографија. Инаку сум индиферентен кон самопромовирање. Подобро би свирел гитара, отколку да сум на фотосесија. Би ти свирел до утре ако сакаш, а би ме нервирало ако околу мене светкаат блицеви. Инаку, приватниот Универзитет ми додели признание, почесен доктор во областа на уметноста. Ова ми е втор почесен докторат. Првиот го добив од УКИМ пред единаесет години, и лани го добив од ФОН. Првиот од првиот државен Универзитет, а вториот од првиот приватен Универзитет. Немам ништо против да има фестивали, на кои музичарите ќе се натпреваруваат кој напишал подобра песна, текст или кој има најдобра изведба. Тоа е природно. А да земеш 10.000 евра за песни кои не знаеме какви се, и на кој начин си конкурирал со нив, а тоа не е

Женски Магазин- Секогаш гласно ги коментиравте високите награди на фестивалите и законот за поддршка на македонската музика. Што велите на тоа што тие музички субвенции сега се укинуваат? Влатко- Ја се чудам како тој закон воопшто беше донесен. Тие субвенции ми се чинат многу неприродни и неприкладни. Немам ништо против да има фестивали, на кои музичарите ќе се натпреваруваат кој напишал подобра песна, текст или кој има најдобра изведба. Тоа е природно. А да земеш 10.000 евра за песни кои не знаеме какви се, и на кој начин си конкурирал со нив, а тоа не е. Океј, верувам дека тие конкурси биле транспарентни, и некои луѓе си аплицирале на нив и биле избрани. Немам ништо против тие луѓе, немам ништо против музичарите. Со сила убавина нема. Песна се прави од внатрешен мотив и од инспирација. Природно е тоа публиката да ти ја засака песната и да ти плати на некој начин. Да ти го купи албумот, да ти дојде на концерт и заедно да ја пеете на концертот. Тоа е природно. Добро е да има конкурси каде што ќе ја понудиш својата музика, фестивали, ама и тие награди од 20.000 евра на фестивал, и тоа е неприродно. Затоа е добро што се укинува тој закон. 

Женски Магазин- Велите, со сила убавина не бидува. Има ли желба и сила во скоро време повторно да се реобединат „Леб и сол“ на концерти, како во 2006 година? Влатко- „Леб и сол“ е голема приказна, и има оставено многу. 25 години работа и многу значајни парчиња музика. И тоа е се океј. Меѓутоа, во моментов навистина сум преокупиран со други работи. На сите им посакувам среќа, добро здравје, и инспирација на креираат музика и понатаму. Не сакам децидно да тврдам: не, не тоа е невозможно, додека сме сите живи и здрави се е можно. Но, во моментов, за собирање на бендот практично таква идеа јас немам.  По толку години свирење и патувања, си дадов за право да направам еден интимен албум кој ќе се обраќа директно на увце на мојата публика.- Влатко за албумот „Мајчин јазик“

Женски Магазин- Во Кинотека на Македонија во февруари ќе стартува нов програмски циклус, Уредник со причина. Вие сте поканети да бидете првиот уредник. Кои филмови ги избравте за прикажување, и зошто токму нив? Влатко - Од мој предлог од пет филма, тие избрале три, а поканата ја прифатив со задоволство. Сакам добри филмови и главно се врзувам со филмските музики. Многу ми се значајни. Ако е добра музиката, мора да е добар и филмот. Ако не чини музиката, сигурно дека нешто не е во ред со филмот. Еден од филмовите е „Париз Тексас“. Тоа е филм кој има три реченици дијалог. А се ти е јасно, поради музиката и поради сликата. Филмот се занимава со прикажување, а не со раскажување. Блуз, очај, самотија, прекрасен филм. На обвивката на албумот „Мајчин јазик“ е фотографија од мајката на Влатко, Нада од претставата „Живи лешови“ од Толстој, во која таа играла Маша, патувачка циганка во која се вљубува некој гроф. „Приказната феноменално се врзува и со албумот, и со мојот патувачки живот, за кој некогаш велам дека е номадски“, вели Влатко

Женски Магазин- Неодамна се соочивте со голема семејна трагедија, ја загубивте вашата сопруга Гордана. Како се боревте во тие тешки моменти, како сте сега? Влатко- Изминатиов период ми беше многу тежок на приватен план. Исклучително тежок. Пред една ипол година син ми доживеа сообраќајна несреќа и се повреди многу страшно, и со тоа се занимававме подолго време. За жал, пред три месеци почина мојата сакана, драга сопруга со која што поминав триесет и пет години. Тоа е една огромна загуба за мене, една огромна дупка во мојата душа и се обидувам преку музиката да се спасам. Се обидувам свирејќи да го изразам сето она што се случува во мене, и за момент да најдам утеха, иако тоа е многу тешко. Сега се грижам за моите деца, ги решавам нивните проблеми, а кога ќе дојде ред и на мене, ќе решам некои и од моите проблеми.  Како што повеќе влегувам во години, станувам се помалку амбициозен. Индиферентен кон самопромовирање. Подобро би свирел гитара, отколку да сум на фотосесија.- Влатко Стефановски

Женски Магазин- Освен во музиката и во децата, има ли нешто друго што ви помогна да останете силен? Влатко- Во тие многу тешки периоди, најмудрите реченици ги доживеав од најмудрите луѓе. Во знак на утеха, како знак на сочувство, чув неколку мудри работи. Една од нив морам да ја споделам, како крај на ова интервју. На Матка, бевме минатото лето, со сопругата. Сретнав една калуѓерка  и ѝ се пожалив дека поминуваме низ многу тежок период. А таа ми кажа една реченица која е многу моќна: Господ не ни дава повеќе товар отколку што можеме да поднесеме. И тоа е една многу голема вистина, и очигледно дека овој товар што го носам сега бил наменет за мене. 



  За Женски Магазин, Милица Џаровска