ЕСТРАДНИ ВЕНЧАВКИ, РАЗДЕЛБИ И ПРИНОВИ ВО 2017: Повеќе свадби и бебиња од разводи

Годинава што изминува беше љубовна година за многу од нашите јавни личности. Во втората половина од годината, се омажија три наши познати поп - пејачки, а во февруари двајца пејачи станаа татковци. Имаше и весели свадби на фолк пејачи, спортисти, актери. 2017 година ќе биде запаметена како година на многу бебиња на естрадата, а многу малку разделби и разводи. Женски магазин направи куса ретроспектива, кој оваа година се омажи и ожени, кој се разведе или ја прекина долгогодишната љубов, и чиј дом е побогат за уште еден член. СВАДБИ Димитар на мотор по Сара Во септември имаше дури две естрадни свадби, едната на поп-пејачката и харфистка Сара Мејс со водителот Димитар Атанасовски, а другата на Каролина Гочева и уметникот Михаил Корубин. Сара и Димитар се свршија минатото лето во август на плажа во Грција. Една година подоцна, на истата дата се венчаа во црква, а на почетокот од септември направија свадба за семејството и за пријателите. Младоженецот отиде по невестата качен на мотор, а пак таа го пречека во уникатна невестинска креација. На социјалните мрежи се споделуваше оригиналниот прв свадбен танц на Сара и на Димитар за кој тие смислија посебна кореографија. И двајцата имаат искуство со танцот како учесници во шоуто „Танц со ѕвездите“. Каролина и Михо се венчаа на Аеродром Свадбата на Каролина и на Михаил беше најпопуларна за медиумите, на 23 септември. Тие организираа венчавање со матичар и свадбена забава на необична локација, во еден од воените хангари на аеродромот Стенковец, специјално приспособен за оваа пригода. Голем број од домашните јавни личности беа поканети на забавата, а дел од нив и запеаја. Корубин е син на дизајнерката Лиле Корубин и на уметникот Рубенс. Каролина и Михаил се свршија во Париз во мај, неколку дена по нејзиниот роденден. Првите фотографии и по свршувачката и од свадбата, беа објавени на Инстаграм профилот на Каролина. Александар ја побара Јана за жена на Евровизија Овогодишната евровизиска претставничка Јана Бурческа во август се омажи за својот свршеник Александар Филиповски, гитарист во заедничкиот бенд „Оф битс“. Во октомври, Јана и Александар ја добија ќерката Дона. „Таа е вистински херој, се роди на 11 октомври“, изјави Јана за Женски Магазин. Александар ја побара Јана за жена пред милионскиот аудиториум на „Евровизија“ во Киев, а веста за бременоста таа ја објави во видео претставувањето непосредно пред да настапи со песната „Dance Alone“. Анета Наковска се венча во Лас Вегас Фолк-пејачката Анета Наковска во октомври се венча во Лас Вегас, со својот избраник, охриѓанецот Спиро, кој долги години живее во САД. Анета која на 10. септември го прослави својот 42 роденден од својот партнер на подарок доби 101 црвена роза, а за тоа му се заблагодари на Фејсбук каде што објави неколку фотографии и една емотивна порака. Свадба со сите адети на Јордан Митев Истиот месец се ожени уште еден фолкер, музичарот Јордан Митев. Негова избраничка е Славица Митреска, Македонка родена во Австралија, со која е во врска околу една и пол година. Свадбата се одржа во Струмица, со сите традиционални обичаи. Јордан ги развесели гостите на свадбата со неколку песни. Се ожени актерот Кирил Трајковски Актерот и пејач Кирил Трајковски - Максим или попознат како Марлон Брандо се ожени во август. Во матично, тој склопи граѓански брак со својата љубов Ирена Донческа. Борозан се венча за време на клупска пауза Вуко Борозан, еден од најдобрите ракометари на Вардар и црногорски репрезентативец, на средината на месецов се ожени. Тој ја искористи паузата во која нема клупски и репрезентативни натпревари, за да се ожени со долгогодишната девојка Ива. БЕБИЊА Тони Михајловски стана дедо Актерот во Македонскиот народен театар Александар Михајловски стана татко на машко бебе, а познатиот актер Тони Михајловски, дедо. Во јули, радосната вест на Фејсбук ја сподели сопругата на Тони, Александра. Александар и Ангела се свршија во јануари годинава. И таа исто како и Александар е актерка, но до свршувачката со Александар не ѝ беше позната на јавноста. Тони и Александра се родители на шестгодишниот Максим. Сашко Коцев славеше за ќерката Јована Во октомври, познатиот актер Сашко Коцев и неговата сопруга Смиљана добија ќерка. Среќните родители и го дадоа името Јоана, а Сашко за раѓањето на ќерката направи забава за многу пријатели во еден скопски ресторан. Облечен како Аладин, пеејќи ја „A whole new world Сашко Коцев ја запроси Смиљана пред преполната Универзална сала на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“ во февруари во 2012 година. Истата година во септември направија свадба. Миле Кузмановски доби трета ќерка Познатиот фолк-пејач Миле Кузмановски во октомври доби ќерка. Ова е трета ќерка на Кузмановски, а прва со сопругата Јасмина Трајковска. Миле е татко на четиринаесет годишните близначки Ана и Јана. Нивната мајка, Вера по долгогодишна борба со ракот, почина пред пет години. По таа загуба, сестрата на Ана и на Јана е нова радост и нов почеток за семејството Кузмановски. Даниел Кајмакоски стана татко на Давид Популарниот пејач Даниел Кајмакоски и неговата сопруга, поранешната манекенка Кристина Димитријевска станаа родители во февруари. Среќниот татко на неговиот фејсбук-профил ја објави радосната вест со фотографии од синот по име Давид. Даниел и Кристина се во врска од 2015 година, а лани тој на својот инстаграм профил за прв пат објави заеднички слики. Кристина е од Тетово, таа е поранешна членка на модното студио „Црнокрак“ и повеќекратна победничка на многу избори за убавина. Димитар Андоновски - Михаил ми го смени животот Истиот месец, февруари, се породи и Христина, сопругата на поп-пејачот Димитар Андоновски. Димитар, за својот син за Женски Магазин изјави: „Михаил ми го промени комплетно животот, се чувствувам исполнет, среќен и сфатив дека ништо друго на светот не е поблагословено и повредно“. Димитар и Христина се венчаа летото во 2015 во манастирот Свети Јован Бигорски, а истата година во октомври ја направија и свадбата во Битола, каде што сега живеат. Катарина Ивановска го роди Вања Во мај, македонската манекенка со светска кариера Катарина Ивановска-Кики роди син. Вања е прво дете на Катарина и на нејзиниот партнер Цобе, со кого е во врска неколку години. Поради синот, Кики неколку месеци ја стави на пауза кариерата како модел. Милена се омажи и роди ќерка Водителката на „Канал 5“ телевизија Милена Антовска стана мајка на Лана Марија. Прв, веста ја објави нејзиниот сопруг Гордан. Милена и Гордан направија свадба во мај, а ќерката им се роди во август. „За името Лана се одлучивме кога го дознавме полот. Марија го додадовме бидејќи се роди на еден од најубавите празници Голема Богородица“, изјави Милена неодамна за Женски Магазин. Мартин 99 доби син Поранешниот водител Мартин Трпчевски, попознат како Мартин 99, преку социјалните мрежи во јули ја соопшти веста дека неговата сопруга Моника по вторпат го направила пресреќен татко, овој пат на машко бебе. „Жена ми Моника Трпчевска на свет го донесе мојот син Миха. Жено те сакам, фала ти“, напиша Мартин на Фејсбук. Токму на 31 декември во 2015 година, тој и Моника го добија првото дете, ќерката Мартина за која Мартин вели дека му е најубав новогодишен подарок. РАСКИНУВАЊА Лозано и Савка ја откажаа свадбата По девет години врска, поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано на крајот од летото ја раскина врската и свршувачката со Савка Грачанин, втора придружничка за Мис на Македонија во 2013 година. Лозано и Савка се свршија во декември во 2015 година, кога тој ја побара за жена на нејзиниот роденден. Блиски пријатели на двојката изјавија дека Савка се отселила од нивниот стан, а свадбата ја откажале. Накова се разведе од кошаркарот Гајдаџиев   Манекенката Александра Накова, по две години брак, се разведе од кошаркарот Никола Гајдаџиев. Уште пред да се објави веста за разводот, Александра и Никола не живееле заедно, но разделбата ја криеле од јавноста. За Женски магазин, Милица Џаровска