Жените со понизок социјален статус да добијат еднаков третман во програмите за борба против рак на грло на матка

Oд рак на грлото на матка во Европа на секој половина час умира по една жена, додека жените од социјално загрозените семејства во Македонија се уште се борат со нееднаквиот пристап во борба против рак на грло на матка. Ова денеска го посочуваат од Здружението Борка од каде го повикаа Министерството за здравство да ја зголеми имплементацијата на програмите кои се однесуваат на борбата против рак на грло  на матка. „Македонија е една од земјите што ја има воведено ХПВ вакцинацијата како еден од примарните начини на превенција и од 2012 го имплементира организираниот скрининг на грло на матката, но тоа не значи дека борбата овде завршува. Жените со понизок социјален статус се соочуваат со нееднаков пристап и немаат редовен пристап до програмите, не се едуцирани за начините на превенција. Треба да се работи повеќе на информирање за преветивните прегледи, скрининг на грло на матка и ХПВ вакцинацијата“, изјави претседателката на Борка, Биба Додева. Министерот Венко Филипче пак кажа дека годишно се  се откриваат по 2 односно 3 случаи на рак на грло на матка. „Лани во Македонија пап тест направиле 27 000 жени на возраст од 45 до 64 години. Кај 13 проценти наодот бил позитивен и најчесто станувало збор за ЦИН 1 и ХПВ. Годишно се откриваат по 2 односно 3 случаи на рак на грло на матка. Во моментот во тек се изготовки на посебни електронски обрасци со податоци за пап тестовите, ХПВ резултатите и тестови од хистопатолошката анализа“, рече Филипче. Оваа година во програмата за малигни заболувања, тој кажа дека се предвидени средства за ажурирање на електронскиот систем со што матичните гинеколози ќе бидат директно поврзани со лабараториите каде се изготвуваат анализите од пап тестовите“.