Женски Магазин Желби За 2018: Ирена Ставрова-Внимавајте што посакувате-може да ви се исполни

Драги пријатели, читатели на Женски магазин и оние кои допрва тоа ќе станете, сакам пред се, да ви се заблагодарам на прекрасната година во која неброен број пати направивте да се смеам, а често и да бидам на раб на солзи читајќи ги вашите коментари, искуства и животни патешествија. Беше ова сјајна година за сите нас, а ако некој мисли дека не сум во право, нека прелиста по магазинот за да може да сфати дека се во животот е убаво и прекрасно. Животот е секогаш совршен, а се што е потребно е на тој начин и да го набљудуваме. Последните денови секоја година се оние кога се сведуваат сметките и кога е тешко да се избегнат клишеата, баш како што ниту јас не успеав во оваа реченица. За мене изминатава година беше година на голем личен напредок, пред се на внатрешен план. Сфатив многу работи кои не успеав да ги сфатам во текот на претходните години. Посеав семе, сега го полевам и само чекам момент кога ќе никне. А кога никне, многу брзо ќе се претвори во едно прекрасно, стабилно и цврсто дрво. Уште кога тоа дрво ќе почне да раѓа сопствени плодови ... Меѓутоа, сите ние овде знаеме дека тоа дрво веќе постои, во моите мисли, во некоја друга димензија и еден момент ќе порасне и во овоземскиот свет. Што се однесува до желбата за Нова година, се е многу едноставно и јасно. Ја знаете онаа позната реченица „Внимавај што посакуваш-може да ти се исполни“? Веројатно претпоставувате што ќе речам сега. Кога се осврнам на 2016, сега кога таа тешка година полна успони и падови е на крај, можам со гордост да кажам дека јас ја исполнив својата мисија. Секако, нивото на самопочит и автономност не го доведов до совршенство (бидејќи тоа се работи на кои се работи до крајот на животот), но на тој план се искачив на едно ново скалило, прејдов на наредно ниво. Притоа, не направив ништо конкретно за да го успеам тоа. Се што направив тоа беше што ја „пуштив својата мисла во универзумот“ и го отворив срцето за се што ми праќа тој универзум . Едноставно, го пуштив животот да ми се случува, се слушав себе и гласот на својата интуиција, се препуштив во тоа разбранувано море животот да ме води. Имаше лоши денови, многу големи и црни бранови кои ме гураа на дно. Требаше да ги стиснам забите и да не се откажам, ми требаше многу поддршка, многу храброст, многу волја, Но имав цел, и тоа ме одржуваше, бидејќи знаев дека лошите денови ќе поминат и дека едно утро ќе се разбудам спокојна. Од друга страна, имаше многу прекрасни денови кои повторно ме враќаа на површина и на кои се нишав безгрижно и лесно. И како што универзумот (или како и да го нарекуваат) во мојот живот донесуваше токму такви настани низ кои учев за себе, се борев со себе, се прифаќав и се надминував себе. Како што лекциите во учебникот се сѐ потешки, па онаа на крај не можете да ја разберете доколку не сте ја сфатиле суштината на онаа од средината на книгата, така и работите кои ми доаѓаа во животот во текот на оваа година беа се потешки, но и јас бев се поподготвена за нив. Се прашувате можеби од каде ми беше силата да се борам, а да не се уморам. Магичниот збор значи –ПРИФАЌАЊЕ. Се што ми се случи прифатив со отворено срце, извлекував поука од се, во се барам причина на постоењето и она добро што треба да го усвојам како би можела да чекорам. Така е и во животот. Како растеме, нивоата се потешки, но ние сме се позрели и подготвени да се бориме. Доколку ги потискуваме, ги туркаме под тепих, игнорираме, она што можеме денес да го оставиме за утре – ќе дојде ново кое нема да успееме да го преминеме. Ако сме свесни, пробудени, со отворено и јуначко срце, и ако се прифатиме себе и својот живот баш таков каков што е, ќе победиме. Нема друг начин да победиме, иако патот до победа е полн ќорсокаци. Тој пат истовремено е и најтежок и најубав. Најтежок е, бидејќи мораме по илјада пати да паднеме да се повредиме, станеме и да ја истресеме прашината од колената и така повредни да тргнеме понатаму. Најубав е, бидејќи чувствуваме хармонија и мир во себе, бидејќи сме задоволни, се посилни, се похрабри и поживи. Сетете се дека сами одредувате што ви се случува во животот. Јас единствено можам да ви посакам да останете истрајни во поставување на целите и нивното исполнување. Затоа и мислам дека во полноќ ќе ја изговорам следната афирмација: Сите мои цели се остваруваат! Мислам дека во неа е содржана и суштината за која пишуваме на овој сајт. Таа ги отсликува сте наши желби кои ги преточивме во целите, ментална и физичка акција да ги оствариме тие цели и упорност и истрајност да останеме на вистински пат. Бидете уште подобри во новата година, уживајте во секој момент од животот, верувајте во себе и сопствените можности, немојте да се предавате, имајте големи и убави мисли. Следете се себе и согледувајте го својот живот, и ќе видите како ќе растете и ќе се развивате баш во онакви луѓе какви што сакате да бидете. Се најдобро ви посакувам. Ирена Ставрова