Женски Магазин Желби За 2018: Светлана Шајноска–Радоста, здравјето и убавините да царуваат

2017 изминува, 2018 наголемо доаѓа. Помина година полна предизвици, грижи, реализирани очекувања, нереализирани надежи, нови љубови, завршени прикаски. За некои успешна, за некои помалку успешна, но како и секоја и оваа година што ја оставаме зад нас по нешто ќе ја паметиме. Тоа што е вистина е дека минатото е веќе засведочено како дел од нашето искуство што ќе остане забележано во вечната категорија живот.

Секогаш се надеваме дека грижите ќе станат историска категорија, а светлото од денот туку што не пристигнало. Желбите за подобро утре се насекаде околу нас. Безгрижните деца, насмевките на родителите, среќните баби и дедовци е сликата која сакам да доминира во годината што следува.

Животните соништа се едноставни. Зарем е премногу да побараме и очекуваме, повеќе здравје, љубов, гушкања, а помалку болести, немир и солзи. 2018 нека биде се она убаво што ни се случи во претходната година, засилена со сите досега нереализирани желби.

„Женски магазин“ е само капка во морето кое ги исполнува моите и вашите желби. Секојдневната дружба само ми потврдува дека и недостижното е достижно и невозможното е секогаш на дофат. Животните стории и „утринското кафе на нашите гостинки се слика и прилика дека за жената што знае што сака и како да сака, само небото е лимит.

На сите читателки и читатели на нај женскиот медиум, во новата 2018 им ги посакувам сите убавини на овој свет. Среќата, радоста, здравјето и убавините да царуваат и нашите сакани бескрајно да не милуваат :)

За Женски Магазин, Светлана Шајноска