Жртвите на насилство, од страв избираат страдање

Нема земја или заедница каде не постои насилство. Настани полни со насилство и неговите последици ѕиркаат од секаде, од улица, во училишта, на медиумите, на работните места… Насилство е присутно насекаде. Го загрозува животот, среќата и здравјето на луѓето. Секоја година над 1,6 милиони луѓе во светот го губат животот како последица на насилството. Под насилство не се подразбира само физичкото насилство. Честопати психичкото насилство е дури и полоша форма на насилство. За жал повеќето жени не ја разбираат сериозно оваа тематика, како и фактот дека насилството, без разлика дали се работи за физичко или психичко, остава трајни последици врз самата личност и нејзиниот карактер, како и врз нејзиното здравје. Една од три жени во светот ќе биде жртва на насилство, вели извештајот на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА). Но, овој феномен е полош во општествата каде што жените имаат понизок статус и помалку права во очите на заедницата. Шансите на една жена да побегне од домашното насилство директно зависат од заложбата на нејзината држава да се бори против таквото насилство. Западноевропските земји во кои постојат ефикасни системи за заштита на жртвите и кривично гонење на сторителите, како што се Франција и Австрија, се далеку поуспешни во спречувањето на домашното насилство. На Балкан сликата е различна. Граѓанското општество мора да ја преземе иницијативата, зашто властите се чини дека се индиферентни кон судбината на малтретираните жени. Балканските влади често не успеваат да ги спроведат националните закони што се однесуваат на домашното насилство и немаат средства за службите што би им помогнале на жените жртви. Тие, исто така, ја занемаруваат обуката за полициските службеници и за членовите на судството за тоа како најдобро да се справат со проблемот. Меѓународниот ден против насилство врз жените, со одлука на ОН се одбележува од 1999. Одбележувањето започна во знак на сеќавање на 25 ноември 1960, денот кога сестрите Патра, Минерва и Тереза Мирабал беа брутално убиени од диктаторот на Доминиканската република Рафаел Трухило. Активистките против насилство овој ден го одбележуваат од 1981. Во Канада секоја десетта жена е жртва на насилство од својот партер. Во Сад секоја шеста. Во Македонија во моментов се прави детална анализа. Податоците се делумно точни, а причината за тоа е фактот што голем дел од насилството останува нерегистрирано, а насилниците можат да бидат личности од која било професија или социјална структура. За Женски Магазин, Вики Чадиковска